за

Борба во сопствените редови, Kia го победува Hyundai во Европа

Двете корејски марки Kia и Hyundai настапуваат во заеднички концерн. Техниката главно е иста, меѓутоа секоја марка води различна политика. На Kia подобро ѝ успева да ги освои европските возачки и возачи.

Kia во ноември продаде 250.000 возила на светскиот пазар

Уделот што Kia и Hyundai го постигнуваат во продажбата на европскиот пазар никого нема да изненади. На корејската групација ѝ припаѓа петтото место во Европа, со удел од преку 7 проценти. Изведовме еден кус преглед на продажбата по модели на двете марки. Секако дека има бројни изненадувања.

Статистиката за продажба на патнички автомобили во Западна Европа за првите пет месеци од годината донесе бројни изненадувања. Тоа што нас нé интересира во овој преглед е соодносот во продажбата меѓу двете корејски марки Kia и Hyundai. Бројките откриваат. Kia во периодот од јануари до мај пласирала на западноевропскиот пазар 171.595 автомобили или за 40,9% повеќе отколку во истиот период лани, додека Hyundai до мај постигнал 157.942 автомобили (+36,2%).

Тоа е солидна разлика од 13.653 автомобили за пет месеци во корист на Kia, којашто продала за 8,6% повеќе автомобили од марката Hyundai. Бројките сами не значат многу, тие го добиваат вистинското значење кога ќе се споредат со други бројки. Во таа смисла, Kia во Европа продава повеќе автомобили од Volvo, Dacia, Nissan, Mini, Land Rover, Mazda, Jeep, Porsche, Mitsubishi, Lancia/Chrysler, Honda, Jaguar, DS, Lexus, Smart, Alfa Romeo и Alpine. Од Hyundai, исто така.

Деталните продажби по модели уште не се објавени за минатиот месец, но затоа се достапни статистиките за април. Тие откриваат дека првите две места во продажбата им припаѓаат на модели на Hyundai. Најпродаван модел од групацијата во април бил Hyundai Tucson со 10.949 примероци (44.496 до април), за веднаш по него да следи Hyundai Kona со 8.507 примероци (32.436 до април). Tucson уште е свежо пристигнат и големиот раст во продажбата е вообичаен. Но, прерано е за заклучоци.

Kia Sportage следи на третото место на најпродавани модели од концернот во април, со 7.600 примероци. Иако моделот од новата генерација на бестселерот веќе чека да стартува на производствените линии, продажбата пак расте. Во споредба со првите четири месеци лани, Sportage напредувал за 18,9 проценти, со вкупно 28.945 примероци. Тоа се должи на лансирањето на специјалните серии до актуелниот модел, од типот на Black Edition. Во Киа Моторс Македонија ќе кажат дека сé што се резервира од овој модел за македонскиот пазар, се продава уште пред да пристигне новиот контингент. Нема потреба од многу мудрување, Sportage е одлично познат тука.

Со Sportage почнува доминацијата на Kia. По компактниот СУВ, следат Niro, Ceed и Picanto. Посебно одушевува растот што го постигнува кросоверот Niro, со плус 50,8% во споредба со првите четири месеци лани. Солидна е осмата позиција на кросоверот Stonic во рамките на концернот, односно петтото место во рамките на марката. Hyundai уште нема модел што ќе парира на стилот на Stonic.

Kia XCeed неодамна беше на тест со новиот 1,5-литарец со 160 КС

Најдобар доказ за подобрата прифатеност на политиката на Kia на европскиот пазар дава продажбата на компактот Ceed. Наспроти 22.193 продадени примероци од стратешки клучниот модел на Kia до април, од „братскиот“ Hyundai i30 во истиот период се продале само 15.414 примероци. Моделот стагнира, со 0,6% во плус, наспроти 6,5% на Ceed. Пријатно изненадување е продажбата на уште еден кросовер, на XCeed: Вкупно 12.245 продадени примероци до април, многу повеќе од Ioniq и од другите „меѓукласи“ на Hyundai, кои се чини дека повеќе ги збунуваат купувачите во Европа.

Уште еден модел на Kia напредува со „светлосна брзина“. Секако дека тоа се однесува на престижниот СУВ, на новата генерација на Kia Sportage. Само во април, од моделот се продале близу 1.600 примероци, што е за близу седумпати повеќе отколку што во истиот месец лани се продавал претходникот. Тука пак се докажува дека Kia поуспешно ги погодува вкусот и желбите на европските купувачи. Од Hyundai Santa Fe во истиот месец се регистирани неполни 1.000 примероци.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Специјалистот за лифтови Schindler ќе вози на струја

Twingo Cup викендов се вози во грчки Серес