Киа прослави 80 години постоење во духот на „историјата на предизвикот и решителноста“, што ја движат марката кон иднината. Историјата помни дека Јужна Кореја e вистинскиот пример, како една недоволно развиена земја што се потпира на земјоделие, успеа за кус период да прерасне во индустриски гигант. Тоа се покажува најверодостојно и со примерот на Киа.
Посебната свеченост за 80-годишнината на Киа се одржа во новоизградениот репрезентативен центар што се води како Киа Вижн Сквер и се наоѓа во Јонгин, на 40 километри од Сеул.
Вообичаено за големите прослави, Киа издвои посебни моменти од минатото и соопшти во која насока ќе ја води марката во иднина. Секако, Киа веќе неколку години нагласува дека повеќе не е „обичен прозводител на автомобили“, туку компанија којашто обезбедува мобилност, и тоа одржлива, со колку е можно помало влијание врз животната средина.
Околу 400 гости беа поканети на настанот, каде што главниот збор го имаа претседателот на групацијата на Киа и Хјундаи, Јуисун Чанг, и претседателот и извршен директор на Киа, Хо Санг Сонг. На свеченоста се слушаше и солото на светски прочуената виолинистка, Клара Џуми Канг, амбасадорка на марката.
Главен автомобил на настанот беше Вижн Мета Туризмо, со којшто Киа ги прикажа своите замисли за автомобилите на иднината. Суштината на Мета Туризмо е во динамичните перформанси и во внатрешноста што е изведена како удобен салон, во духот на брзината и на елеганцијата на патувањето на долги растојанија во 1960-те години.
Надворешноста е изведена според пристапот „Спротивностите обединети“, што се користи и за постоечките модели на Киа, со спој меѓу природното и технолошкото. Внатре важи пристапот на технологија што работи во служба на човекот, на природен начин.
Највпечатливиот дел во кабината е воланот со трите дигитални начини на работа, наречен Спидстер, Дример и Гејмер, во комбинација со проекциски дисплеј. Возачот добива чувство дека информациите се прикажуваат тридимензионално, како да лебдат врз самата површина на патот.
Што им прикажа Киа на гостите од својата 80-годишна историја
Изложбата во чест на 80-те години ќе биде поставена на првиот Кат на центарот до 2029 година, насловена „Наследство на движење“.
Поставките се групирани во осум подрачја, секое посветено на различна тема. Меѓу експонатите се првиот велосипед 3000 Лихо, првиот доставен трицикл К-360, првиот автомобил Киа Бриза, доставниот Бонго и новиот ПВ5, бестселерот Спортаж и знаменосецот Карнивал, „странските“ модели Сид (Европа), Серато Р, Сонет, Телјурајд (САД), понатаму Прајд, Соул, Стингер, технолошката пресвртица Киа ЕВ6 ГТ и уште бројни експонати од најразличен вид.
Историските пресвртници на Киа
Киа е основана во 1944 година како Кјунсунг Пресижн Индастри од Ким Кеол-хо. Името Киа е избрано во 1952 година, кога е претставенп и првото превозно средство, велосипедот 3000-Лихо. Во 1973 година е изградена фабриката Сохари (сега Аутоленд Кванмен).
Првото возило со четири тркала на Киа е Бриза од 1974 година, по коешто следат модели со глобален успех, како Киа Прајд во 1987 и Киа Спортаж, првиот компактен СУВ, лансиран во 1993 година.
Во 1997 година, Киа се здружи со Хјундаи. Во 2005 година, големи промени во дизајнот се случија со назначувањето на Петер Шрејер, како главен дизајнер.
Тековното поглавје започна во 2021 година, со насочување кон одржлива мобилност и електрични возила, вклучувајќи создавање огранок за доставни електрични возила и софтверски дефинирани возила.
Меѓу бројните сведоштва што остануваат од настанот се монографијата на 430 страници за историјата на Киа и 4-те видео епизоди, посветени на посебни личности, како и на видео архивата што е достапна за јавноста.















