Дачиа и Рено најризичен избор за користен автомобил, вели германски ТУВ

Петте последни места, како возила со најмногу дефекти, стари 12 години, им припаѓаат на модели на Дачиа и Рено, покажува статистиката на германски ТУВ.

И Нисан Кашкај е вовлечен во проблематичниот квалитет на моделите од групацијата Рено. Црвените полиња се аларм. (слика: Ауто Билд ТУВ Репорт 2026)

Рено Меган, Нисан Кашкај, Дачиа Сандеро, Рено Твинго и Рено Клио се т.н. губитници во редовниот годишен извештај што го објавува германското здружение ТУВ и којшто служи како голема помош при изборот, како на користен, така и на нов автомобил. Што е толку проблематично кај трите марки што ѝ припаѓаат на групацијата Рено?

Кај моделите од француската групација Рено што се на дното на табелата, како модели со најмногу дефекти, во категоријата на возила стари меѓу 12 и 13 години, дури 40% од возилата што дошле на технички преглед пред регистрација имаат сериозни дефекти, поради коишто биле вратени од технички преглед.

Тоа се возила што поминале во просек меѓу 112.000 илјади километри (Рено Твинго, градско мини) и 153.000 километри (Рено Меган, компакт класа), километража што не би требало да биде толку пробематична. За споредба, најдобрите модели во таа старосна категорија, Фолксваген Голф Плус (116.000 километри) или Мерцедес Б-Класа (124.000 километри, едно од пет возила е со дефект), имаат двапати помалку дефекти од моделите на Французите.

Техничарите на ТУВ даваат лоши оцени на Рено Меган, меѓу другото поради корозијата, дефектите со клима уредот и централното заклучување, воздушни перници што не се активираат при судир, лошо изведени кабли за електричната поддршка за сервоуправувањето, намалена сила на сопирачките. Поради сите овие фабрички пропусти, Рено мораше повеќепати да ги повикува возилата во сервисна работилница, за да се отстранат дефектите.

Прашање при купување користено возило е дали сопственикот одговорил на сервисниот повик и дали е отстранет ризикот.

Најчести дефекти кај Рено Меган од третата генерација (произведуван од 2008 до 2016 година):

Подвозје (водење на тркалата, суспензија), амортизери, пружини, избиени лежишта, зглобови во управувањето, корозија во подот, предвремено трошење на сопирачките дискови, проблеми со паркирната сопирачка.

Неславната петорка на Рено од опашот на списокот на најиздржливи автомобили според ТУВ и Ауто Билд

Друг пример е Дачиа Сандеро, произведувана од 2008 до 2012 година, што на германскиот пазар на користени возила чини во просек 800 евра.

Техничарите на ТУВ критикуваат за премногу корозија, откачени делови од вентилите што можат да го уништат моторот, светилки што премолчуваат кога АБС е расипан. Проблемите со подвозјето и со сите зглобови, лежишта, сферични спони, амортизери, пружини, управувачкиот механизам, се повторуваат и кај романската верзија на Клио од 3-та генерација. Овие дефекти се трипати почести отколку кај просечните возила. Проблеми има и со силата на сопирање. Одвај секоја втора Дачиа Сандеро што дошла на технички преглед, го поминала.

Сопствениците на возилата што се вратени од технички преглед, имаат рок од три недели да ги отстранат дефектите и да се јават повторно на технички преглед. Доколку тоа не се случи или се утврди дека дефектот останува и натаму, тоа возило понатаму не може да се регистрира за сообраќај. Тука стапуваат на дело препродавачите на користени возила во регионов, што ги прикрпуваат возилата евтино или „слично“.

Тоа што најмногу разочарува е јапоската марка Нисан, што е вовлечена во проблемите на Рено и Дачиа, како сојузник. Нивниот Кашкај некогаш важеше како пазарен лидер и го биеше глас дека е издржлива машина, меѓутоа ТУВ не кријат.

Кашкај произведуван меѓу 2007 и 2013 година, се цени од 4.000 евра на нагоре во Германија. На супертестот на Ауто Билд на 100.000 километри, кросоверот не мина славно: Протекуваа амортизерите, тотална штета на мотор поради скршена клипница, корозија, сервисни повици поради дефекти во управувањето.

Списокот на дефекти на Нисан, што некогаш важеше за „јапонски“: Избиени зглобови во подвозјето, избиени спони, брзо трошење на сопирачките дискови, проблеми со паркирна сопирачка, дефекти во издувниот систем, кородирани издувни лонци и цевки.

Можеби во категоријата возила стари по 11 до 12 години е подобро?

Истата приказна важи и за „помладата“ категорија, каде што на опашот во списокот на најиздржливи возила пак се појавуваат Дачиа Дастер, Рено Твинго, Рено Меган, Дачиа Сандеро.

Порано важеше дека во Дачиа се користи техника од Рено. Денес се чини дека Рено и Нисан вградуваат техника од Дачиа.

Претходна објаваТрамп ќе ги олабави еколошките норми за нови автомобили во САД
Следна објаваКиа одбележа 80-годишнина, прикажа автомобил од иднината

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here