Германскиот синџир супермаркети Aldi започна тестирање на четири камиони со погон на метан. Целта е да се провери дали природниот гас може да се користи како почиста и поевтина замена за дизелот
Во возниот парк на германскиот синџир супермаркети Aldi пристигнаа четири тешки камиони кои користат метан како погонско гориво. Во следните пет години, во секојдневни услови на работа, ќе се проценува дали природниот гас може да се користи како почиста и поевтина замена за дизелот.
Камионите ќе учествуваат во дистрибуцијата на стока до супермаркетите во подрачјето на градовите Диселдорф, Франкфурт, Штутгарт и Минхен. Тоа се подрачја во коишто честопати се јавува пречекорување на концентрацијата на азотни оксиди. Голем предизвик ќе биде тоа што метан има на само шест проценти од станиците за гориво во Германија, а само дел од нив имаат пристап за товарни возила.
Многу предности во погонот на метан: Почиста емисија, пониски трошоци, пониска бучава
Предностите на метанот се во намалувањето на емисијата на СО2 за 16% во споредба со дизелот, на емисијата на честички за 99 проценти и на азотни оксиди за 70 проценти. Важен фактор при дистрибуцијата во населени подрачја е значително смалената бучава.
Камионите се Iveco Stralis NP, со резервоар за 130 килограми компримиран природен гас. Потрошувачката изнесува околу 22 килограми на сто километри. Секако дека и за ладењето на приколките се користи струјата што ја произведува моторот со погон на метан.
Наесен во возниот парк на Aldi пристига и електричен камион за дистрибуција на стока, којшто ќе се снабдува со струја добиена од хидроцентрали, како и од фотоволтаичките постројки на компанијата.
Метанот во моментов е достапен на четири локации на Макпетрол низ Македонија, а организирано е и префрлување на возила на погон на метан. И покрај големите предности во намалувањето на емисијата на штетни гасови и во трошоците за гориво, метанот уште не наидува на примена во моторните возила во мерка којашто би заслужувала спомнување.
Во меѓувреме, најголемите автомобилски концерни гледаат нова шанса за погонот на метан, во време кога техниката за пречистување на издувните гасови станува прескапа за помалите дизел мотори.