Петмилионитиот примерок од најспособниот теренски автомобил во светот е продаден на купувач во Њу Џерси. Подарок за него се делови за тјунинг во вредност од 5.000 долари, заедно со доживотна сервисна поддршка од Jeep.
Првиот Jeep Wrangler се појави на пазарот во 1986 година, во замена за Jeep CJ, продолжувајќи ја лозата започната со оригиналниот Willys MB од 1941 година.
Секоја генерација од иконскиот 4х4 создаваше вредно поглавје во историјата на моделот, почитувајќи ја традицијата на врвна пробивност по теренот, со верно придржување кон стилските обележја на Jeep.
Подарок за сопственикот на петмилионитиот Jeep Wrangler, од Камден, Њу Џерси, се делови за тјунинг од Jeep Performance Parts (JPP) во вредност од 5.000 долари, дел од понудата на Mopar, како и доживотно бесплатно сервисирање, покана за ексклузивни настани и посебна корисничка грижа.
„Jeep Wrangler е природен наследник на легендарниот Willys, возилото шти ги инспирираше духот и душата на марката; од појавувањето во 1987 година, тој е водилка во светот на СУВ-возилата и посебно сме горди што го прославуваме петмилионитиот Jeep Wrangler”, кажа Ерик Лафорџ, директор на марката Jeep за Европа.
Четири генерации од глобалната икона
Првиот Jeep Wrangler, со моделска ознака YJ, почна да се произведува пред 37 години во фабриката на American Motors Corporation. YJ се продаде во 630.000 примероци меѓу 1987 и 1995 година. По него следеа TJ во 1996 година, JK во 2006 и JL во 2017 година.
Секоја нова генерација на Wrangler беше конструирана со цел да се понуди поголем комфор во секојдневието, без притоа да се жртвуваат теренските способности.
Jeep низ годините постојано воведуваше посебни серии од Wrangler, што ја одржуваше актуелноста на моделот. Меѓу најценетите специјални серии се „10th Anniversary”, „Golden Eagle” и „Backcountry”.
View this post on Instagram
Актуелниот модел е конструиран во времето на Fiat Chrysler Automobile, пред спојувањето со PSA Group во Stellantis. Во 2021 година, европскиот пазар го доби Wrangler 4xe Plug-in Hybrid, со приклучен хибриден погон. Францускиот „4×4 Magazine” го одликуваше технолошки најнапредниот модел на Jeep со насловот на „4×4 of the Year 2022”.
Wrangler 4xe располага со дволитарски турбо бензинец, којшто заедно со двата погонски електромотори постигнува системски 380 КС и вртежен момент од 637 Nm. Со полна батерија се постигнува досег до 53 километри во градско возење, односно култниот теренец според нормата ќе потроши 3,5 литри бензин на сто километри.
По 2025 година, од сите модели во гамата на Jeep ќе се нуди електрична верзија. Прв следен модел што се очекува на македонскиот пазар е Avenger, којшто ќе биде достапен и во бензинска и во батериска електрична изведба.
















