за

Jeep Renegade e-Hybrid умерено електризиран, а пак по мера

Дизајнерите на Jeep како да се натпреваруваат со техничарите. Свежо пристигнатитe Renegade во Аутомобиле СК привлекуваaт и со бојата и со новитетот во погонот, 48-волтен благ хибрид.

Производителите во електрификацијата прво ги завршија големите нешта, па потоа се впуштија во тоа што е помал предизвик. Jeep во својата гама прво воведе приклучен хибриден погон 4xe, за сега да следи и дополнување на понудата со подостапна, а пак ефикасна погонска техника. Jeep Renegade 1.5 Turbo e-Hybrid дополнително впрегнува електромотор со 20 КС, стартер-генератор под 48 волти и батерија под совозачкото седиште – и тоа е точно погонот што ни е познат од еден друг хит-модел на Stellantis.

Jeep не се двоумеше многу околу електрификацијата, туку напротив, почна уште многу рано да воведува електромотори во погонската спрега. Моделското трио Renegade – Compass – Wrangler веќе подолго време нуди верзии со приклучен хибриден погон, како модели со ознака 4xe. Не треба многу да се претпоставува зошто Jeep толку широкоградо ја прифати елеткромобилноста. Првата слика што се создава околу електричниот погон е чиста животна средина, исконска природа. Во исто време, првата слика што се создава околу Jeep, секако е природа, терен, уживање. Таа е врската, и таа функционира.

Електрификацијата сега ќе функционира за уште поширок круг купувачи, затоа што освен 4xe-моделите, Jeep сега ги нуди верзиите e-Hybrid во своите Renegade и Compass. Целта е да се постигне електрификација по подостапна цена, со техника што е докажано делотворна. Jeep Renegade e-Hybrid веќе има премиера во Аутомобиле СК, а наскоро ќе следи и Compass во оваа изведба со благ хибриден погон.

Погонската спрега ја сочинува 1,5-литарски турбо бензинец со свои 130 КС и 240 Nm, потоа од електромотор со моќност од 15 kW (20 КС) и вртежен момент од 55 Nm, што е вграден во менувачот, и од мала батерија што одвај дека одзема простор под совозачкото седиште. На тоа се надоврзува и 48-волтен стартер-генератор, што преку ремен е споен со ременик на коленастото вратило и функционира како кај секој благ хибрид, односно го стартува моторот меко, брзо и тивко, а воедно и ја поднаполнува батеријата при сопирање и при движење на возилото под залет. Оваа погонска спрега е позната од Alfa Romeo Tonale, којашто летово беше на тест возење во Аутомедиа и остави силен впечаток и со својот хибриден погон.

Познавачите ќе се сетат дека Jeep користи понапредна техника на благ хибриден погон, затоа што дополнително впрегнува и електромотор. Поради тоа што електромоторот се наоѓа во самото ѕвоно на менувачот, тој е воедно и во состојба на одредени куси растојанија да го движи Renegade самостојно, додека бензинецот мирува целосно и бројачот на вртежи покажува нула. Менувачот е 7-степен со двојна спојка, од тип 7HDT300.

Jeep наведува заштеда од 15 проценти во потрошувачката на гориво, со техниката на благ хибриден погон во Renegade и Compass e-Hybrid

Секако дека и во моторот се извршени бројни зафати, со цел да се постигне колку е можно поголема заштеда, но и возливост. Сепак уживањето во возењето хибриден погон е тоа што ја прави привлечноста на истиот. Моторот работи во милеров циклус, со којшто се подобрува термичката ефикасност. Посебноста е во тоа што вшмукувачките вентили затвораат мошне рано, уште во самата фаза на вшмукувањето на смешата. Четирицилиндарецот се одликува со висока компресија 12,5:1, со нова глава на моторот со смалена комора за согорување, двократно варијабилно управување со вентилите и висок степен на проток во вшмукувачките канали. Исто и системот за впрскување под висок притисок е оптимиран и постигнува до 350 бари. Заслугата за зголемената ефикасност на e-Hybrid сепак не е „само“ во електромоторот.

Сите функционалности на хибридниот погон во Jeep Renegade e-Hybrid

  • Silent Start: Чисто електричен, безшумен режим на возење “EV”, во којшто поаѓа возилото, без да стартува моторот;
  • Повраток на енергија: Врши повраток на енергијата што би се изгубила при забавување (e-Coasting) или при сопирање (регенеративно сопирање);
  • Boost & Load Point Shift: Електромоторот му помага на бенензинецот за зголемување на вртежниот момент на тркалата (e-boosting), а во исто време дозволува моторот постојано да работи во оптимален режим (Load Point Shift);
  • Electric Drive: Возилото може при ниска брзина да се движи целосно електрично и без емисија, додека моторот останува изгаснат.

Во зависност од наполнетоста на батеријата и потребата моќност, Jeep Renegade и Compass e-Hybrid вклучуваат некој од бројните EV-режими за чисто електрични возење, со изгаснат мотор.

  • e-Launch: Возилото поаѓа само со помош на електромоторот, исто и при поаѓање на семафор
  • e-Creeping: При отпуштање на педалата за сопирање, електромоторот го задвижува возилото и го залетува до брзина на човечки óд
  • e-Queueing: Возилото може при чекање во колона во застој (Stop & Go) да вози целосно електрично
  • e-Parking: Паркирањето може да се изведе целосно електрично

Тежината на Renegade 1.5 Turbo e-Hybrid е само 100 килограми над моделската изведба со 1,0-литарски турбо бензинец со 120 КС и мануелен менувач. Спринтот до темпо сто трае 9,7 секунди, значително покусо во споредба со 1,0-литарскиот модел (11,2 s), а за големата предност во потрошувачката говори податокот за 5,7 до 6,1 литри просек за е-Hybrid, наспроти 6,4 до 6,8 литри просек за бензинскиот модел.

Хибридниот погон е достапен уште во основното ниво на опременост Longitude, во коешто се вклучени камера за сообраќајни знаци за брзински ограничувања, електрична паркирна сопирачка, потпирач за рака напред, радио Uconnect со дисплеј од 7 инчи и поврзување со телефон, темпомат и алу-тркала од 16 инчи. Првите примероци од новиот модел во Аутомобиле СК дополнително се опремени со автоматски двозонски клима уред, кутија за предмети и металик лак, што дава редовна цена од 32.500 евра.

Наскоро во салонот на Jeep ќе има премиера и верзијата на Compass со хибриден погон.

Увозникот ги наведува сите податоци и цени за Jeep Renegade e-Hybrid во својот CarStore, со целосен преглед на сите возила што се достапни за испорака веднаш

Jeep Renegade Longitude MY22 1,5 130 Ks MHEV AT

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Музиката во Mercedes-Benz ќе звучи како на концерт

Европските парламентарци бараат да има полначи на секои 60 километри