За да се постигне климатска неутралност, европските парламентарци бараат на секои 60 километри во ЕУ да биде поставена по една станица со полначи за електрични автомобили. Исто се бара на секои 100 километри да постои станица за полнење водород.
Европскиот Парламент во Стразбур денес ја усвои својата позиција, за ЕУ да донесе одредби за зголемување на бројот на станици со полначи и станици за алтернативни горива, како струја или водород за автомобили, товарни возила, возови и авиони. На тој начин ќе се поттикне зголемувањето на бројот на возила што не ѝ и наштетуваат на климата.
Новите одредби се дел од пакетот Fit for 55 за 2030 година, со којшто ЕУ треба емисијата на стакленички гасови да ја намали за најмалку 55 проценти во споредба со 1990 година.
Повеќе станици со електрични полначи и станици за точење алтернативни горива
Европските парламентарци се сложија да утврдат обврзувачки минимални цели на национално ниво, за изградба на мрежа за алтернативни горива. Државите членки мораат до 2024 година да поднесат план, во којшто ќе се наведе начинот за постигнување на целите.
Според прифатениот текст, до 2026 година на секои 60 километри долж главните сообраќајници во ЕУ треба да биде поставена најмалку една станица со полначи за електрични автомобили. Истото барање ќе важи и за камиони и автобуси, меѓутоа само на клучните мрежи на TEN-T и се бара да бидат поставени посилни полначи. Исклучок се зафрлените краишта, островите и патиштата на коишто е слаб сообраќајот.
Кој автомобил на сликата не е електричен? Сцена од нашата тура со Mini Cooper SE, во којашто извозевме круг во должина од преку 700 километри низ цела Македонија

Европските парламентарци предлагаат и да се постават повеќе станици за точење водород долж главните сообраќајници во ЕУ. Меѓу нив треба да има растојание од најмногу 100 километри, место 150 километри, како што предлагаше Комисијата. Овие цели треба да се постигнат до 2028, односно до 2031 година.
Едноставно полнење
Станиците за алтернативни горива треба да бидат достапни за сите марки возила, со едноставно плаќање, вклучувајќи и плаќање со кредитна картичка. На полначите и пумпите треба да биде наведена цената по киловатчас или по килограм. Цената, исто така, треба да биде достапна и со можност за споредување.