Италија со 6 милијарди евра ќе ја подржи домашната автомобилска индустрија

Производство на Џип во фабриката на концернот Стелантис во Мелфи, Италија.

На Италија ѝ стојат на располагање уште околу шест милијарди евра, со коишто може да ја потпомогне домашната автомобилска индустрија, кажаа синдикатите по одржаната средба со министерот за индустрија Адолфо Урсо и автомобилскиот концерн Стелантис.

Овие средства се дел од преку 8 милијарди евра што лани беа обезбедени за автомобилскиот сектор од страна на претходната влада на Марио Драги, поранешен претседател на европската централна банка. Овие средства треба да се искористат до 2030 година.

Урсо во посебна изјава кажа дека субвенциите ќе се користат за да се поттикне купувањето возила што навистина се произведени во Италија. Тој напомена дека и сличните шеми може да се ревидираат со цел да се привлечат нови производители на автомобили во земјата.

Стелантис, единствениот автомобилски концерн што е присутен во Италија, заедно со синдикатите е во преговори со десничарската влада на премиерката Џорџа Мелони, за долгорочен план за поддршка на националната автомобилска индустрија.

Преговорите опфаќаат и изнаоѓање начини за производството во земјата да се зголеми на еден милион возила, ниво што Италија последен пат го има достигнато во 2017 година.

Во независно соопштение од Стелантис се наведува дека сите страни „имаат заедничка цел да се создадат услови за поддршка на производството на автомобили во Италија во претстојните години на тешка транзиција“, со „амбиција“ да се достигне целта од еден милион возила до 2030 година.

Урсо кажа дека целта е „најмалку“ еден милион возила.

Од синдикатот УИЛМ кажаа дека очекуваат Стелантис годинава да произведе меѓу 700.000 и 800.000 возила во Италија, и според тоа целта за еден милион возила е „на дофат“.

Стелантис напомена дека достигнувањето на целта зависи од повеќе фактори, вклучувајќи откажување на построгите стандарди за емисија Еуро 7, субвенции за купување нов автомобил и намалување на трошоците на индустријата, главно преку намалување на цените на струјата.

Во преговорите во Рим учествуваат и добавувачи на автомобилските концерни, како и локални власти.

Претходна објаваТоп 10 најиздржливи компакти стари меѓу 12 и 13 години
Следна објаваАлфа Ромео со координати го навестува името на малечкиот СУВ

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here