Овие десет модели од компакт класата покажаа најмалку дефекти во статистиката што ценетиот германски ТУВ ја води за возилата дојдени на редовен технички преглед во станиците во Германија.
Меѓу најдобрите модели во статистиката на дефекти на германската организација за техничка проверка ТУВ, во ново воведената категорија на старост меѓу 12 и 13 години, секако дека не отсуствуваат Мерцедес, Лексус или Волво. Меѓутоа, високите стандарди што треба да се достигнат за да се поседува автомобил од овие марки, важат како за новите автомобили, така и за одржувањето на истите тие автомобили по десет, дваесет години и уште децении потоа.
Во овој Топ 10, со цел ги избравме најиздржливите модели од компакт класата, вклучувајќи и два модели од градската класа, коишто се достапни како користени автомобили во релативно умерена старост, но уште поважно, автомобили за коишто не треба да се издвојува по едно мало богатство за поправки. Тоа се модели од класата на Голф, конструирани и проектирани за најширокиот круг купувачи.
Во кусиот опис се наведени главните проблеми што се појавуваат кај овие десет модели, како што истите се утврдени од страна на строгите технички контролори на ТУВ.
Во заглавјето за секој модел е наведена и просечната километража што ја имале возилата при техничкиот преглед. Наведената вредност во проценти се однесува на уделот на возила од конкретниот модел, што покажале значителни недостатоци при редовниот технички преглед во станиците на ТУВ во Германија.
За споредба, просекот од сите возила, од сите класи, од оваа старосна категорија (12-13 години), што имале значителни недостатоци, изнесува 28,9 проценти. Најмал процент на дефекти има Ауди ТТ, со 15,0 проценти. Наспроти тоа, кај најслабиот автомобил во оваа старосна категорија, Дачиа Логан, процентот на возила со сериозни дефекти изнесува 40,9 проценти. Тоа е веќе сериозна разлика.
Затоа не е сеедно што се избира.
1 · Ауди ТТ
Процент на возила со потешки дефекти 15,0%
Просечна километража 130.000
- Генерација 8Ј
- Произведувана меѓу 2006 и 2014 година
- Мотори: Од 160 КС (1.8 ТФСИ) до 360 КС (РС Плус)
- Цена на користен примерок во Германија: од 5.500 евра
Втората генерација на Ауди ТТ е сигурна инвестиција со потенцијал за уживање. Внимателно само кај постарите турбо-бензинци, кои можат да бидат големи трошаџии на масло.
На што треба да се внимава
Висока потрошувачка на масло кај моделите со мотор ЕА888 (1.8 и 2.0 ТФСИ). Во најлош случај може да настане целосно оштетување на моторот. Кој сака да биде сигурен, подобро да избере возило со ремонтиран мотор. Спојката се троши брзо. Кај менувачот С-троник се јавува затресување при поаѓање. Кај примероците со приспособливо подвозје тропаат амортизерите. Расипани давачи во контролата на моторот; Кај кабриолетот запнуваат електромоторите за ракување со покривот. Електричниот заден спојлер може да се запече, се кршат кабелските спојки со вратите.
2 · Фолксваген Голф Плус
Процент на возила со потешки дефекти 20,7%
Просечна километража 116.000
- Произведуван меѓу 2004 и 2014 година
- Мотори: Од 75 КС (1.4) до 170 КС (1.4 ТСИ)
- Цена на користен примерок во Германија: од 2.300 евра
Приспособлив, просторен и речиси во сé на врвот. Голф Плус, верзијата со повишен покрив, поминува на технички преглед без поголеми недостатоци многу почесто од останатите модели. Ако уште и трепкачите се во ред, нема што лошо да се случи.
На што треба да се внимава
Синџирот кај 1.4 ТСИ. Покрај тоа, верзијата со 122 КС затресува при забрзување. Решение за тоа е вчитување нов софтвер. Во главата на моторот 2.0 ТДИ се појавуваат пукнатини, сé до примероците од 2005 година. Внимателно со примероците во коишто се претерало со чип-тјунингот.
3 · Тојота РАВ4
Процент на возила со потешки дефекти 21,3%
Просечна километража 142.000
- Генерација ИксА3
- Произведувана меѓу 2006 и 2013 година
- Мотори: Од 136 КС (2.2) до 177 КС (2.2)
- Цена на користен примерок во Германија: од 5.000 евра
Јапонските возила се ценети по високиот квалитет и РАВ4 го потврува тоа при техничките прегледи во ТУВ. Компактниот СУВ од пред две генерации се покажува солиден според речиси сите мерила.
На што треба да се внимава
Вентилите во системот за рециркулација на издувните гасови, посебно кај посилните дизели. Истото важи и за инјекторите. Можно е потрошувачката на масло да биде зголемена. Кај изведбите со мануелен менувач трпи спојката, доколку возилото се користело за влечење приколка.
4 · БМВ Икс1
Процент на возила со потешки дефекти 21,4%
Просечна километража 151.000
- Генерација E84
- Произведувана меѓу 2009 и 2015 година
- Мотори: Од 115 КС (сДрајв 16д) до 258 КС (иксДрајв 28и)
- Цена на користен примерок во Германија: од 6.500 евра
БМВ Икс1 е удобен за патување и лесно се движи низ град. Наспроти овој широк спектар на примена на автомобилот, сепак постојат неколку слаби точки.
На што треба да се внимава
Кај сите дизели е слабост синџирот: При стартување на незагреан мотор да се наслушне дали се јавува тропање од синџирот и да се провери дали светнува контролната светилка за моторот. На студ се тресе стаклениот покрив. Имаше сервисни повици поради опасност од пожар и можно откажување на серво поддршката на сопирачките и воланот. Исто имаше сервисен повик и заради стегите за акумулаторот што беа изработени со грешка. Се кине спојката кај дизелите со мануелен менувач.
5 · Ауди А3
Процент на возила со потешки дефекти 22,8%
Просечна километража 148.000
- Генерација 8П
- Произведувана меѓу 2003 и 2012 година
- Мотори: Од 90 КС (1.6 ТДИ) до 340 КС (РС3)
- Цена на користен примерок во Германија: од 2.300 евра
Од баварскиот Инголштат веќе 20 години доаѓа пофиниот Фолксваген Голф. Ауди со својот А3 нуди автомобил што може сé, вклучувајќи и одлични наоди при техничкиот преглед.
На што треба да се внимава
Моторот 2.0 ТДИ (ознака БКД) често страда од пукнатини во главата. Сервисни повици имаше, меѓу другото, за средниот потпирач за глава на задната клупа (за возила произведени меѓу април 2008 и јуни 2008), за вентилот за проветрување на хидрауличното активирање на спојката (10/2003 до 6/2005) и за водовите за висок притисок на моторите со комон-рејл (2010 до 2012). Кај менувачот ДСГ, обично нов софтвер помагаше да се надмине проблемот со тресењето при менување степени (9/2008 и 7/2009). Често се расипува синџирот кај моторите 1.2 ТФСИ и 1.4 ТФСИ.
6 · Хонда Џез
Процент на возила со потешки дефекти 22,9%
Просечна километража 117.000
- Генерација 2
- Произведувана меѓу 2008 и 2014 година
- Мотори: Од 90 КС (1.2) до 100 КС (1.4)
- Цена на користен примерок во Германија: од 3.700 евра
Џезот важи како револуционерен музички правец. Моделот на Хонда со тоа име се докажа како практичен и едноставен малечок автомобил, без оглед каква „музика“ му свири. Иако е малечок, поради посебниот концепт на возилото, Џез е споредлив со моделите од компакт класата.
На што треба да се внимава
Малку нешта може да направат проблем кај Џез. Хонда сепак беше погодена од светскиот проблем што го предизвика добавувачот за воздушни перници Таката. Освен тоа, имаше неколку сервисни повици поради расипани генератори на гас за воздушните перници и грешка во софтверот за управувањето со менувачот. Кај некои примероци запнува вклучувањето на долгите светла.
7 · Мини
Процент на возила со потешки дефекти 23,2%
Просечна километража 117.000
- Генерација Р55-Р59
- Произведувана меѓу 2006 и 2014 година (кабриолет до 2016)
- Мотори: Од 75 КС (Уан) до 218 КС (ЈЦВ ГП)
- Цена на користен примерок во Германија: од 2.500 евра
Уште еден модел што не спаѓа во компакт класата, но со својот концепт ги надраснува сите класи. Цените на Мини не се најниски, но парите се вложени добро. Минито има квалитети на автомобил што ќе трае долго.
На што треба да се внимава
Електричните компоненти, на пример, светлата, како и поврзувањето со телефонот и радио приемот. Кај примероците со сончев покрив може да пробива вода. Дизелот од 1,6 литар често трпи оштетување на турбополначот. Траен проблем се расипаните синџири кај 1,6-литарските бензинци што се конструирани во соработка со Пежо. Сервисни повици имаше поради пумпата за вода и потпирачите за грб што не се влежиштуваат.
8 · Мазда 3
Процент на возила со потешки дефекти 23,6%
Просечна километража 125.000
- Генерација БЛ
- Произведувана меѓу 2009 и 2013 година
- Мотори: Од 105 КС (1.6) до 260 КС (МПС)
- Цена на користен примерок во Германија: од 3.500 евра
Најстарата од трите генерации што се опфатени во извештајот на ТУВ за 2024 година, се покажува најиздржлива.
На што треба да се внимава
Сервисните повици се однесуваа на механизмот за местење на седиштата, како и на задниот капак што е чувствителен на корозија. Амортизерите и пружините, сопирачките работат беспрекорно, моторот не троши и не испушта масло. Може да се проверат влежиштувањата на предната и задната оска, светлата, зглобовите во управувањето.
9 · Шкода Јети
Процент на возила со потешки дефекти 23,7%
Просечна километража 143.000
- Произведувана меѓу 2008 и 2017 година
- Мотори: Од 105 КС (1.2 ТСИ) до 170 КС (2.0 ТДИ)
- Цена на користен примерок во Германија: од 5.500 евра
Јети обично го минува техничкиот преглед без забелешки. Важно е да се има среќа при изборот. Секој шести примерок стар 13 години или повеќе има проблеми со маслото.
На што треба да се внимава
Кинење на синџирот кај ТСИ-бензинците. Тропањето треба да исчезне во рок од две секунди по стартувањето на незагреан мотор, во спротивно прстите подалеку од тоа возило! Моторот 1.8 ТСИ припаѓа на генерацијата ЕА888 и со тоа е голема можноста дека е погоден од проблемот со клипниот прстен за собирање на маслото. Меѓу другите проблеми може да се очекуваат расипани индукциски намотки (бобини) и корозија.
10 · Фолксваген Голф
Процент на возила со потешки дефекти 23,7%
Просечна километража 144.000
- Генерација Голф 6
- Произведувана меѓу 2008 и 2012 година
- Мотори: Од 80 КС (1.4) до 270 КС (Голф Р)
- Цена на користен примерок во Германија: од 3.500 евра
Не е совршен, но има бројни добри страни, помалку слабости и го минува техничкиот преглед без драма.
На што треба да се внимава
Голема слабост се оштетувањата на синџирот кај моторите 1.2 ТСИ и 1.4 ТСИ. Од Ауди е позајмен 1.8 ТСИ, но тој поретко се среќава. Моторот ЕА888 неретко има проблем со превисока потрошувачка на масло. Причина за тоа се лошо конструираните клипни прстени за повлекување на маслото од ѕидовите на цилиндрите. На супертест во Ауто Билд, Голф со мотор 1.4 ТСИ со 160 КС мина без пречки, со исклулок на расипан цилиндар во механизмот на спојката. Сервисните повици: Расипана повратна пружина кај моторите ТДИ, откажување на АБС/ЕСП (2017), контрола на притисок на натполнење кај 1.2 ТСИ (2012) и пукнатини во водовите за висок притисок кај 2.0 ТДИ (2011).