Сите нови модели на Infiniti што ќе стартуваат со продажба во почетокот на следната декада ќе поседуваат електричен погон. Тоа официјално го потврди првиот човек на марката, Хирото Саикава.
Infiniti е уште една марка што најавува збогување со обичните дизели и бензинци во следната декада, и тоа веќе на самиот почеток. Според изјавата на претседателот на марката, Хирото Саикава, сите нови модели на Infiniti што ќе се појавуваат на пазарот по 2021 година ќе поседуваат електричен погон.
Дизајнот на идните модели ќе се раководи според концептот Q Inspiration, кој во почетокот од неделава беше претставен на салонот во Детроит. Понудата од возила со електрифицирана погонска спрега ќе опфаќа модели со чисто батериски погон и модели што ќе го користат системското решение e-Power на Nissan. Во вториов случај станува збор за електричен погон, во комбинација со таканаречен продолжувач на досегот (range extender). Тоа не значи друго освен присуство на класичен мотор, кој работи како генератор и испорачува струја за погонскиот електромотор, откако ќе се истроши батеријата.
Infiniti е дел од Renault-Nissan, водечката алијанса во електричниот погон
Планот е половина од продажбата на марката во 2025 година да отпаѓа на автомобили со електрифицирана погонска спрега. Не се запоставува развојот на обичните мотори. Напротив, Infiniti неодамна го претстави моторот со променлива компресија, кој уште годинава ќе се појави на пазарот во новиот кросовер QX50. Електрификацијата сепак не е проблем за Infiniti, како марка што е дел од алијансата Renault-Nissan.
















