за

ЕУ ќе забрани палмово масло во биодизелот

Голем дел од биодизелот што се користи во земјите во ЕУ е произведен од палмово масло, иако истото е исклучително штетно за климата. Европските парламентарци бараат забрана за увозот, што предизвика остри реакции кај азиските земји производители на маслото.

Азиските земји се најдоа во паника откако ЕУ најави дека планира да го забрани користењето на палмовото масло. Тоа се користи во козметичките производи, во чоколадите, но и во биогоривата, иако е познато неговото штетно влијание врз климата. Во земјите што го произведуваат маслото масовно се сечат шуми и огромни површини се заменуваат со палмови плантажи. Милиони работни места во Малезија и Индонезија зависат од контроверзното растително масло.

Европските парламентарци планираат да го забранат користењето на палмовото масло во биогоривата. Тоа би донело големи промени. Околу една третина од биодизелот што се троши во ЕУ се добива од увезено палмово масло. Според тоа, автомобилите и камионите се најголем потрошувач на палмово масло во Унијата. Уште поголем проблем е фактот што погонските горива на база на палмово масло произведуваат трипати повисока емисија на стакленички гасови отколку обичните фосилни горива.

Индонезија и Малезија покриваат 80% од светската продукција на палмово масло

Најголеми производители на палмово масло во светот се Индонезија и Малезија. Само овие две земји учествуваат со четири петини во светската продукција од 60 милиони тони палмово масло на годишно ниво. Но, овие држави имаат мала корист од масовната продукција. Светските концерни го собираат кајмакот и владејат со пазарот.

Палмовите плантажи во Индонезија покриваат површина од 15 милиони хектари. Дрвата се високи до триесет метри, со листови долги седум метри и со илјадници плодови. Предност во одгледувањето на овој вид палми е заштедата во простор. Од еден хектар се добиваат над три тони палмово масло, додека од кокосните палми, сончогледот и маслената репа се добиваат само 0,7 тони по хектар.

Азиските земји ќе одговорат со забрана за увоз на производи од ЕУ

На Борнео и Суматра, во последната деценија се исечени над шест милиони хектари шума. Тоа остава последици врз климата, но и врз живиот свет. Слоновите и орангутаните се загрозени со скусувањето на нивниот животен простор. Повеќе од три милиони лица се вработени во одгледувањето палми само во Индонезија. Доколку ЕУ изгласа забрана за користење палмово масло во горивата, тоа ќе повлече масовна безработица во овие земји.

Азиските медиуми веќе објавуваат наслови со „војна за палмовото масло“. Се најавуваат и противмерки доколку се скуси пласманот за контроверзното масло, преку воведување забрана за увоз на производи од ЕУ во Малезија, Индонезија и Тајланд.

Евентуалната забрана во ЕУ сепак нема да промени многу на светскиот пазар. Индонезија извезува 17% од продукцијата на палмово масло во Европа, Малезија 13 проценти. Тоа е незначителна количина во споредба со потрошувачката во земјите како Кина, Индија или Индонезија, кадешто палмовото масло се користи за готвење. Европските производители на чоколади и козметика сепак ќе можат и натаму да го користат ова масло во своите производи.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

renault symbioz

Renault и Dacia со историски рекорд од 3,8 милиони продадени возила

infiniti q inspiration

Infiniti ќе развива само електрични автомобили по 2021 година