
Запирањето на производството во Инеос Аутомотив е предивикано од потешкотиите кај германскиот добавувач за седиштата, кажуваат извори во добавувачкиот сектор.
Повеќе медиуми го именуваа Рекаро Аутомотив, којшто летово објави стечај во Германија.
Инеос не го потврди името на добавувачот, кога медиуми се обратија таму за да побараат одговор.
Инеос Аутомотив е присилен да го запре производството на теренецот Гренадир и на пикапот Квартермастер во својата фабрика во Хамбах, на границата на Франција со Германија. Како причина се наведува недостиг од компоненти.
„Тоа е дел од внатрешното опремување, но не можеме да го продадеме автомобилот без него,“ изјави извршната директорка Лин Калдер за Аутомотив Њуз Европа на 19-ти септември, без да посочи подробности.
Калдер посочи дека може да потрае до почетокот на следната година, додека се надмине проблемот и се врати производството во единствената фабрика на производителот на автомобили.
„Значителни финансиски потешкотии“
Рекаро на 30-ти јули објави дека влегува во стечајна постапка откако „се соочиле со значителни финансиски потешкотии, поради екстремните зголемувања на цените во последните кризни години и губењето на голем договор за снабдување.“ Стечајот зафаќа само во Рекаро Аутомотив ГмбХ и не влијае врз останатите компании на групацијата. Таа произведува и седишта за авиони, како и седишта за компјутерско играње.
Рекаро на 11-ти септември соопшти дека е во преговори со клиенти околу обемот на производство и оформувањето на функционален ланец за набавка „во следните четири месеци“ во својата фабрика во Кирххајм. Производителот додаде дека постапките на спојување и преземање напредуваат брзо со неколку заинтересирани странки.“
Инеос бара секундарен добавувач за овие компоненти и соработува со тековниот добавувач да се надмине проблемот, кажа Калдер, додавајќи дека производителот на автомобили „ќе ги провери сите можности да се врати во работа колку е можно поскоро“.
Инеос Аутомотив во првите осум месеци продаде 1.660 примероци од Гренадир во Европа, помалку од 2126 возила во истиот период лани. Квартермастер, којшто ја користи основата на Гренадир, штотуку почна со продажба во Европа.















