Како се случи Мерцедес-Бенц да почне да произведува фургони и комбиња

Кога ќе се повика такси, сосем е очекувано дека ќе пристигне Мерцедес-Бенц Е-Класа. Кога ќе ве повикаат на деловен состанок во Минхен или Виена, исто така е сосем очекувано од аеродром до хотел да ве вози В-Класа. Не е различно во светот на доставните возила, каде што се работи со Вито, Спринтер или Ситан. Последнава традиција датира уште од 1969 година.

Тоа што ја двои Мерцедес-Бенц од сите премиум марки, не е само одличноста во конструирањето и произведувањето на лимузините и теренците, туку и фактот што под сребрената ѕвезда се нудат и доставни возила. Тоа што го немаат БМВ, Ауди, Лексус, Јагуар, се Вито, Спринтер, Ситан.

Штутгарт потсетува дека транспортерите, што денес се водат во посебен огранок Мерцедес-Бенц Ванс, „со децении се незаобиколни придружнички во бројни бранши“. Тоа се генерации занаетчии, доставувачи на пакети, полицајци, санитетски служби и ентузијасти за возила за кампување, на кои Мерцедес-Бенц им е позната и проверена адреса.

Прославите што Мерцедес-Бенц годинава им ги посвети на своите транспортери, потсетуваат колку овие возила навистина се дел од секојдневието, со децении наназад.

 

  • Пред 55 години (1969): Почеток на производството на првиот лесен транспортер на Ханомаг-Хеншел во Бремен
  • Пред 40 години (1984): Последниот транспортер Т1/ТН излегува од фабриката во Бремен
  • Пред 35 години (1989): Новото моделско годиште на Т1/ТН доаѓа со нови мотори и подобрена аеродинамичност
  • Пред близу 30 години (1995): Воведување на Спринтер во понудата, што оттогаш постојано бележи успеси

Пред 55 години – 1969: Некогашниот Ханомаг-Хеншел, од Бремен

Во септември 1969 година од некогашната фабрика на Боргвард во Бремен излезе првиот лесен транспортер Ханомаг-Хеншел. Фургоните и комбињата од оваа серија дотогаш се произведуваа во фабриката во Хамбург-Харбург. Тогашен Дајмлер-Бенц презеде 51 проценти од акциите и почна возилата да ги продава и под својата марка, како Мерцедес-Бенц Л 306. Со влегувањето во новата 1971 година, Дајмлер-Бенц ги презеде и преостанатите акции на Ханомаг-Хеншел и продолжи Л 306 да го произведува до 1977 година.

Пред 40 години – 1984: Последниот транспортер Т1/ТН излегува од фабриката во Бремен

 

Пред добри 40 години, датумот 19-ти јули 1984 го означи производството на 290.958-от и со тоа последен транспортер од серијата Т1/ТН во фабриката во Бремен. Тоа е важна пресвртница со којашто заврши производството на транспортерите на Мерцедес-Бенц во Бремен. Моделите од серијата Т1/ТН продолжија да се произведуваат само во фабриката во Диселдорф, каде што овие возила стартуваа уште во 1980 година. Фабриката во Бремен целосно им се посвети на автомобилските модели. Во Диселдорф до 1995 година се произведоа точно 660.000 транспортери од оваа серија.

Пред 35 години – 1989: Новото моделско годиште на Т1/ТН доаѓа со нови мотори и подобрена аеродинамичност

Претставена првпат во 1977 година, серијата Т1/ТН доживеа техничко освежување и унапредување во март 1989 година, пред 35 години. Инженерите имаа три задачи при работењето на новите модели: Поголема моќност, повисока брзина и пониска емисија. Двата нови мотори добија одликување за Дизели на 1989 Година. Од 1962 година, од фабриката во Диселдорф излегоа околу 900.000 транспортери.

Надворешните промени се однесуваа главно на обложувањето на предните столбови кај изведбите со висок покрив, како и по новите браници без отвори. Овие зафати ја подобрија еродинамичноста до 25 проценти, кај одредени изведби. Со тоа значително се намали потрошувачката. Фургонот со нормален покрив, при постојана брзина од 100 км/ч трошеше 23 проценти помалку гориво во споредба со претходниот модел.

Т1/ТН постигна успех во најразлични бранши благодарејќи на многустраноста, вклучувајќи ги страничните лизгачки врати и различните изведби на задна врата, со агол на отворање под 90, 180 или 270 степени. Возилата беа приспособени за товарење на европалети. Фабриката можеше да произведе 252 варијанти на моделот.

Пред близу 30 години – 1995: Спринтер го наследи легендарниот Т1/ТН

Mercedes започнува со испораки на електричниот eSprinter
Мерцедес во 2020 година започна со испорака на електричниот еСпринтер

Уште малку, па пред 30 години, Мерцедес-Бенц во 1995 година постигна уште една пресвртница. Спринтер беше првото доставно возило со сребрената ѕвезда, што место обична ознака со букви и бројки, доби име. Оттогаш почна офанзивата на Мерцедес-Бенц во светот на доставните возила.

Спринтер го наследи Мерцедес-Бенц Т1/ТН, вистинска легенда, што во 18-те години се произведе во близу еден милион примероци. Новакот ја следеше истата техничка замисла, меѓутоа пак се разликуваше во секое подрачје. Комбинацијата од самоносечка каросерија и заден погон за одлична тракција, од современо подвозје со независно водење на предните тркала, од примерна безбедносна опрема и моќни мотори, беше единствена.

Новиот транспортер уште од почеток се докажа како вистински мултиталент. Со бројните варијанти и можности, Спринтер беше привлечен за најширок спектар на примена.

Од почетокот на годинава, Мерцедес-Бенц стартуваше уште едно ново поглавје за големите транспортери. Спринтер се нуди во ново моделско годиште, со врвна флексибилност и со голем напредок во безбедноста, комфорот и дигиталното вмрежување.

Електричната верзија еСпринтер постигнува тројство од ефикасност, досег и товарна зафатнина.

Спринтер в година прославува 30-годишнина. Заедно со него ќе слави и помалиот брат Вито, кој успешната приказна на доставните возила на Мерцедес-Бенц ја пишува во сегментот на ванови со средна големина, којшто исто така влегува во својата 30-та година постоење на пазарот.

Претходна објаваИнеос го запре производството, Рекаро не испорачува седишта
Следна објаваМекларен викендов излегува со хиперавтомобил од 1200 КС и цена од 2 милиони долари

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here