Кинези први со електричен автомобил со батерија со цврст електролит

Внатрешноста на моделот Л6 од ИМ Моторс изгледа мошне привлечно.

ИМ Моторс, производител под закрила на кинескиот концерн САИЦ, го гледа своето место на пазарот како производител на премиум автомобили. Се размислува за старт и во Европа.

Кинескиот производител ИМ Моторс, што е дел од концернот САИЦ и воедно му припаѓа на гигантскиот ланец за трговија Алибаба, во мај ќе почне со продажба на првиот автомобил во светот, што користи батерија со цврст електролит. Лимузината Л6 ќе ја поседува првата батерија со цврст електролит што е произведена индустриски, најави компанијата.

ИМ Моторс го претстави Л6 на неодамна завршениот салон на автомобили во Женева и таму најави дека има намера кон завршетокот на годината да почне со продажба и во Европа. САИЦ е седми најголем производител на автомобили во светот. Концернот е присутен и во Европа, преку својата марка МГ Моторс.

Производителот ветува дека Л6 постигнува досег од преку 1.000 километри, според кинескиот циклус на возење ЦЛТЦ. Тоа соодветствува на околу 800 километри според европскиот циклус ВЛТП. Овој досег важи за автомобил што располага со погон на сите тркала, што ја зголемува потрошувачката на енергија.

Според производителот, батеријата поседува 900-волтна архитектура и се одликува со исклучително кусо полнење. Останатите поединости околу батеријата засега не се објавуваат. Тоа ќе биде направено на конференција за технологија, што се одржува на 8-ми април.

Кинеските стручни медиуми објавија дека батеријата на Л6 располага со мошне висок капацитет од 130 кВч. За споредба, најголемата батерија што се вградува во Тесла Модел 3 има капацитет од 79 кВч.

Лимузината Л6 во Женева: ИМ Моторс има намера кон завршетокот на годината да почне со продажба во Европа

Кинезите предничат во батериската техника

Со батеријата со цврст електролит во Л6, повторно се случува кинески производител да биде во предност со нова батериска техника. Европските производители во моментов уште немаат намера да почнат со вградување на новата генерација батерии.

Тојота во 2027 година ќе произведе пробна серија од овој вид батерија, но тоа е уште далеку од најава за почеток со вградување во сериските модели.

ИМ Моторс е основана во 2020 година. Првиот модел, лимузината Л7, почна да се продава во Кина во 2022 година. Можно е луксузната марка на САИЦ да се продава во Европа преку мрежата на МГ Моторс, коишто исто така се дел од концернот.

Футуристичка внатрешност

Лимузината Л6 од ИМ Моторс е опремена луксузно и изгледа претставително. Возилото е долго 4,93 метри и широко 1,96 метар, а меѓуоскиното растојание изнесува 2,95 метри.

Тоа што остава најсилен впечаток е внатрешноста. Како волан се користи т.н. јоук, што е со правоаголна форма. По целата ширина на кокпитот се протега монитор со повеќе можности за местење. Пред совозачот се наоѓа дисплеј што совозачот може да го користи за инфо-забавни содржини. Во понуда се изведба со заден и со погон на сите тркала. Моќноста се движи од 216 до 579 кВ.

 

Претходна објаваЕлектричниот знаменосец на Киа со две победи во Светски автомобил на 2024 година
Следна објаваПротив метеж: Њујорк ќе наплаќа 15 долари за пристап со автомобил

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here