Рено разви генератор што го продолжува досегот на електричните автомобили, голем е колку актовка

Рено со додаток ќе го продолжува досегот на електричните автомобили – станува збор за генератор со погон на бензин, што е мошне мал и секој производител може да го нарача.

Додатокот наречен Хорс Пауертрејн Ц15 може да се вгради надолжно или попречно. Димензиите се 500 на 550 милиметри, при висина од 275 милиметри.
  • Хорс Пауертејн Ц15 е кит наменет за вградување во батериски електрични авотмобили, со цел да се овозможи подолг досег. Станува збор за 1,5-литарски бензинец.
  • Уредот е долг и широк колку актовка и може да се смести во багажник или под хауба.
  • Во Кина расте пазарот на електрични автомобили со продолжувач на досег, а наскоро и Европа ќе фати чекор.
    Фолксваген, БМВ, Форд и Стелантис потврдија дека планираат да ја користат оваа технологија.

Како што забавува побарувачката за батериски електрични автомобили на некои пазари, Хорс Пауертрејн, огранок на Рено и кинески Џили, на производителите на автомобили ќе им понуди систем, со којшто поширок круг купувачи ќе се заинтересира за нивните електрични автомобили. Станува збор за кит што има функција да овозможи патување на подолги релации, со користење бензин. Китот може да се вгради или во багажник или под хауба.

Хорс Ц15 е уред долг колку актовка и во основата има 1,5-литарски бензинец, генератор, систем за ладење и издув. Тој произведува енергија што понатаму се насочува во батеријата, од каде што потоа погонскиот електромотор на електричниот автомобил ја црпи енергијата.

Ц15 ќе биде изложен на штанд на салонот ИАА Мобилност што почнува со денот за новинари на 8-ми септември.

Хорс Пауертрејн, заедничка компанија на Рено и Џили, ја објави веста за Ц15 на 3-ти септември, наведувајќи дека на тој начин ќе им овозможи на производителите на автомобили да вградат помала батерија, што ќе ја намали цената на возилото, но и тежината. Уредот е долг 550 милиметри, широк 500 милиметри и висок 275 милиметри, со можност за вградување надолжно или попречно.

Ц15 ги исполнува стандардите за издувни гасови Еуро 7, исто како и споредливите норми во Кина и САД. Хорс Пауертрејн соопшти дека се работи за атмосферски мотор – без турбонаполнење – наменет за модели од градската и компакт класата, со моќност од 70 киловати, односно 95 КС. Верзијата со турбонатполнење ќе биде наменета за поголеми возила и ќе постигнува моќност до 120 киловати, односно 163 КС.

„Електричните автомобили со продолжувач на досег се категорија на погон, што бележи најголем раст на бројни пазари ширум светот,“ порача во соопштението Матијас Џанини, извршен директор на Хорс Пауертрејн. „Решението со продолжувач на досег Хорс Ц15 им нуди на производителите на автомобили едноставен и достапен начин да ја искористат таа можност.“

Ц15 е втор кит за преправка на батериски електричен авотмобил во ЕВ со продолжен досег што е производ на Хорс Пауертрејн. Групацијата Рено го издвои Хорс како посебна компанија, што е задолжена за развој на мотори со внатрешно согорување и хибридни погони. За партнер беше избран кинески Џили, во чијашто сопственост се наоѓаат меѓу другото Волво и Полстар. Намерата е други компании покрај матичните Рено и Џили да се заинтересираат за производите на Хорс Пауертрејн.

Компанијата во април пушти вест за Хибриден Концепт на Иднината (Фјучр Хајбрид Концепт), како модуларна погонска единица што е наменета за вградување во постоечките автомобили со батериски електричен погон и истата е замислена како замена за предната погонска група, а може да се користи и кај возила со мотор со внатрешно согорување. Погонската единица се поставува непосредно на помошната рамка, без потреба од големи зафати во каросеријата, соопштија Хорс Пауертрејн.

Претставник на Хорс соопшти дека Фјучр Хајбрид Концепт и Ц15 се два различни производи, иако и двата поседуваат бензински мотор со функција на генератор, што ја полни батеријата, место директно да го напојува погонскиот електромотор. Ц15 е „наменски продолжувач на досег“ додека хибридниот концепт е цела погонска единица, што содржи бензински мотор, електромотор, инвертер, преносен механизам и енергетска електроника, кажаа претставници.

Ц15 гледано озгора, со 1,5-литарски бензинец со 4 цилиндри. Тој дејствува како генератор и ја полни батеријата, со чијашто енергијата се напојува електромоторот

БМВ, Стелантис и Фолксваген планираат електрични модели со продолжувач на досег

Модели со продолжен досег почнуваат да се појавуваат по европските улици. Липмотор, кинески производител на ЕВ што ужива поддршка од Стелантис, почна да го продава СУВ-моделот од средна класа Ц10 со продолжувач на досег по цена под 40.000 евра. Мазда исто така го нуди малечкиот СУВ-модел М Икс – 30 во слична погонска изведба.

Кинеските производители, меѓу кои Ли Ауто, се главни во сегментот на ЕВ со продолжен досег, додека европските производители БМВ, Фолксваген и Стелантис најавија дека ќе ја користат оваа технологија во некои свои модели.

Хорс Пауертрејн е со седиште во Лондон и специјализиран е за сите погонски решенија што вклучуваат мотор со внатрешно согорување. Покрај Џили, малцински удел во компанијата има и Сауди Арамко, којшто повеќе е заинтересиран за заменски горива.

Компанијата очекува годишно да произведува по 5 милиони мотори. Планот е во иднина да развива мотори што заеднички ќе ги користат Рено и Џили, со цел да се скусат трошоците.

Хорс вработува 19.000 лица во 17 фабрики.

Првиот производ на Хорс Пауертрејн е 1,0-литарски трицилиндарец што ќе се вградува во минибус за јужноамериканските пазари.

Претходна објаваФолксваген ќе ги користи старите имиња за новите електрични модели
Следна објаваДонгфенг со 115 возила учествуваше на воената парада во Пекинг

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here