- Напролет Хонда повторно ќе нуди модел што го користи името Инсајт и што ќе биде достапен на јапонскиот пазар.
- Инсајт од 4-та генерација е целосно електричен кросовер, со досег до 500 километри.
- Моделот во почетокот ќе биде ограничен на 3.000 возила.
- Хонда ќе го увезува електричниот модел од Кина, за да надомести за прекумерниот производствен капацитет и за забавената продажба во Кина.
- Електричните автомобили и натаму имаат слаб удел во Јапонија, со 1,3 процент во вкупната продажба, наспроти хибридите што држат 44 проценти од пазарот.
Хонда го враќа познатото моделско име Инсајт на сцената, откако повеќепати го укинуваше, па повторно го нудеше, во оваа серија од еколошки модели со напредна технологија што се појави во 1999 година. Овојпат, Инсајт е кросовер со целосно електричен погон и се произведува во заедничката фабрика на Хонда и Донгфенг во Кина.
Компактниот кросовер ќе почне да се увезува на домашниот пазар на Хонда напролет, во количина ограничена на 3.000 возила, стои во соопштението од производителот. Претставници на јапонската компанија не откриваат дали новиот Инсајт ќе се продава и на други пазари.
Хонда Инсајт стана звучно име, кога Јапонците во 1999 година го пуштија во продажба како прв автомобил со хибриден погон достапен на пазарот во САД, со цел да се претрка Тојота и нејзиниот Приус. Но, за разлика од Приус, Инсајт со трите врати и тесната кабина, поради нагласената аеродинамичност на каросеријата, не постигна успех.
Првата генерација на Инсајт се произведуваше до 2006 година. Потоа минаа три години, до појавувањето на моделот од втората генерација. Моделот овојпат беше класична комбилимузина со хибриден погон, со излгед мошне сличен со Тојота Приус. Но, и оваа генерација разочара, покрај успехот на јапонскиот соперник.
Производството на овој модел траеше до 2015 година, по што следеа нови три години пауза. Во периодот од 2018 до 2022 година, Хонда Инсајт се произведуваше како лимузина со четири врати.
Сега се смени сé. Четвртата генерација на Инсајт е електричен автомобил со досег до 500 километри. Цените ќе бидат објавени на 19-ти март, кога почнуваат и нарачките.

Хонда вложува надежи дека електричниот модел од Кина ќе се пробие на пазарот што обожува хибриди
Инсајт е конструиран врз техниката на електричниот кросовер е:НС2, што се продава во Кина и што се произведува во заедничката компанија со Донгфенг Мотор Груп. Хонда го продава овој модел во Кина уште од јуни 2024 година.
Хонда ќе го увезува електричниот модел во Јапонија за да надомести за прекумерните производствени капацитети и забавената продажба во Кина.

Продажбата на Хонда во Кина во 2025 година заврши со 646.971 возила, што е пад од 24 проценти, наспроти 853.718 возила во претходната година.
Јапонската компанија бара нови пазари за да ги пласира своите залихи од електрични возила. Хонда отпиша 1,7 милијарда долари годинава, откако се откажа од масивните инвестирања во електрични модели.
Електричната е:НС2 се продава само во Кина.
Хонда вложува на домашниот пазар за да се осигура од глобалната неизвесност
Туркањето на продажбата на целосно електричниот Инсајт, на пазар што им е посветен на хибридите, нема да биде лесна задача на Хонда. Јапонските возачи во 2025 година купиле само 60.677 патнички возила со електричен погон. Тоа одговара на 1,3 процент од целиот пазар.
Наспроти тоа, хибридите учествуваат со дури 44 проценти во вкупната продажба во Јапонија.
Хонда мора да се соочи и со пребирливите јапонски купувачи, што се резервирани околу возилата од кинеско производство.
Уште еден од моделите на Донгфенг што се пробива на македонскиот пазар: Тест на Донгфенг Еолус Шајн ГС
Исто како останатите јапонски производители, Хонда вложува во зајакнување на продажбата на домашниот пазар, за да се осигура покрај неизвесноста на глобалниот пазар, а посебно на пазарот во САД, каде што се воведени царини и се појавуваат трговски тензии.
Хонда е втор најголем производител во Јапонија, по Тојота, а со мала предност пред Сузуки. Компанијата лани продаде 3,5 милиони возила, што е 7,5 проценти помалку во споредба со претходната година. На домашниот пазар беа продадени 619.400 возила, што е пад од 7,3 проценти.
















