за

Honda HR-V на фабрички мерења потроши помалку од плагин-хибрид

Новиот „ветек“ на Honda се води под името e:HEV. Станува збор за оригинално решен хибриден погон, што на фабричките мерења беше поштедлив од модели со благ и со приклучен хибриден погон.

До не толку одамна, на опашот на Honda речиси задолжително пишуваше VTEC, и тоа беше гордост и на сопствениците и на производителот. Новите генерации модели секако дека ја користат техниката, но користат и електромотор во погонот, на што укажува ознаката e:HEV. Кусо пред стартот на продажбата на HR-V, Honda објави резултати од интерни мерења. Компактниот СУВ со хибриден погон бил поштедлив од споредлив модел со 48-волтен благ хибриден погон и од модел со приклучен хибриден погон. Самополнечкиот хибрид на Toyota не се спомнува, тоа е почит за шампионот.

Honda не соопштува кои се моделите што биле користени за споредбата, но може да ѝ се верува на марката. Новата генерација на Honda HR-V наскоро ќе стартува со продажба во Европа и во Македонија, достапна исклучиво со хибриден погон e:HEV. Тоа е истата техника што работи во големиот СУВ-модел CR-V и во градскиот модел Jazz. Новата генерација на Civic, што исто така ја очекуваме годинава, секако дека и таа ќе го користи новиот технички специјалитет на јапонската марка.

За начинот на работа на специфичниот хибриден погон на Honda објавивме детално на порталот, но во основа: При пониски брзини, моторот има единствена функција да го задвижува генераторот, којшто произведува електрична енергија за погонскиот електромотор. Над одредена брзина, работи само бензинецот, бидејќи во тој случај моторот постигнува повисока ефикасност отколку само електромоторот да го движи возилото. Јапонците уште еднаш уверуваат дека нивниот систем е делотворен и ја раздвижуваат сцената со тврдењето, дека нивниот e:HEV погон во HR-V е поштедлив од извесен модел со 48-волтен благ хибриден погон и од извесен модел со приклучен хибриден погон.

Возењето било извршено на нормирана рута во должина од 116 километри, со променливи услови на возење во град, на автопат, на спореден пат. На интерното мерење се покажало дека новиот HR-V е поефикасен отколку благиот хибрид со 48-волтен стартер-алтернатор и од модели со приклучен хибриден погон. Мошне е интересно тоа што самополнечкиот хибрид на Toyota не се спомнува дека бил вклучен во тестирањето, што секако дека му оддава почит на шампионот во хибридната техника. Доколку бил вклучен во тестирањето, самополнечкиот хибрид на Toyota, по сите усовршувања во овие повеќе од 20 години, веројатно исто така ќе покажел повисока ефикасност од двата непознати референтни модели што биле вклучени во споредбата.

HONDA HR-V e:HEV

Во споредба со моделот со 48-волтен благ хибрид, Honda HR-V во просек потрошила 1,1 литар помалку гориво, и покрај тежината на возилото што е повисока за 120 килограми, поради хибридниот погон. Во градски услови, разликата во потрошувачката изнесувала 4,5 литри.

Како вози хибридот на Honda без потреба од менувач?

Уште поинтересно е тоа што системот e:HEV на Honda бил поефикасен и од модел со приклучен хибриден погон (PHEV) на конкурентска марка. При тестирањето било земено предвид дека сопствениците на модел со приклучен хибриден погон ретко го приклучуваат возилото за батеријата да се наполни и возат со полупразна батерија. Во градска средина, времето во коешто PHEV-моделот се движел чисто на струја, било исто со времето коешто Honda го поминала со погон на струја. Техничарите на Honda посочуваат дека моделот со приклучен хибриден погон не понудил никаква предност.

Напротив, при возење во приградско подрачје, HR-V минал 3% подолго време во возење на струја, отколку моделот со приклучен хибриден погон. Марката веќе го најавува моделот и објавен е ценовникот за новиот HR-V во Хонда Центар.

Видеото го прикажува возењето во приградска средина, каде што погонот на Honda е поефикасен и од приклучен хибриден погон:

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Илон Маск најавува Ден на батеријата на 22-ри септември

Во Калифорнија се регистрирани 1 милион електрични автомобили

Тојота Авто Центар почнува кампања за C-HR, вели „не те остава рамнодушен“