Јапонскиот производител Honda е новиот член во СО2-зделката на Tesla во Европа. Така е наведено во документацијата на Комисијата на ЕУ. Во овој таканаречен CO2-Pool, покрај производителот на електрични автомобили Tesla, спаѓаат уште итало-американскиот концерн Fiat Chrysler и Honda.
Според извештајот, Honda пристапува во СО2-зделката со цел да ги избегне високите казни кон ЕУ. Слабата продажба на малечкиот електричен автомобил Honda E во досегашниот тек на годината е причината што Honda не е во состојба самостојно да ја смали емисијата на СО2 на својот возен парк.
Од електричниот автомобил досега се продадени само 1.000 примероци во Западна Европа. Тоа се околу два проценти од вкупната продажба на сите модели на Honda.
Откако воведе неколку нови модели со приклучен хибриден погон и електрични модели, меѓу кои и чисто електричната верзија на Fiat 500, на FCA повеќе не му е потребна толкава помош, како при основањето на CO2-пулот со Tesla во текот на минатата година. Tesla, пак, од пулот само во текот на годинава ќе наплати близу една милијарда евра од Fiat Chrysler.
Покрај пулот на Tesla постојат и други примери на производители кои се здружија со цел да ги исполнат строгите барања за ограничување на емисиајта на СО2 под 95 грами на километар. Неодамна објавивме дека Ford, Volvo и Polestar исто така формираа СО2-пул. Претходно тоа го направија Toyota и Mazda, исто како и PSA и FCA во сегментот на доставните возила. Volkswagen со марките Seat, Skoda, Porsche, Audi и Bugatti има пул со кинескиот производител SAIC и со неговата електрична марка MG.
















