Кога Volkswagen пред 45 години го претстави првиот Golf GTI на салонот во Франкфурт, малкумина можеа да претпостават дека комбинацијата од трите букви ќе постигне толку големо влијание на автомобилската сцена. GTI денес е синоним за спортски компакт, но се однесува првенствено на еден модел, на Golf GTI. Кусо по стартот на испораката на Golf 8 следи и новата генерација на GTI, којашто ќе ја има својата премиера на салонот во Женева (од 5-ти до 15-ти март).
Волфсбург го најавува новиот модел како оригинален, интелигентен и суверен спортски автомобил од дигиталната ера. GTI ги издржа сите години досега, затоа што не се смени. Дизајнот само во детали се разликуваше од основниот модел, подвозјето секогаш беше дотерано вешто, бензинецот секогаш сакаше високи вртежи, а традиционалистите секогаш ги наоѓаа малите, но значајни детали во стилот, како црвената лента во маската или каро-комбинацијата на седиштата.
Колку што Golf GTI остануваше верен на традицијата, толку дозволуваше и иновации. Volkswagen објави само една фотографија со изгледот на предниот дел и остава неизвесноста околу новиот модел да трае сé до премиерата во Женева. По пример на матичниот модел, GTI ќе биде дигитализиран, вмрежен и со пристап до бројни нови услуги, задолжително со по некој нов или усовршен систем за асистенција.
Под дигитализација се подразбира поддршката за комуникација со останатите возила по пат на Car2X, за размена на информации за опасност на патот, наидување кон застој и слично, со цел безбедноста да се подигне на следното ниво. Благодарение на Travel Assist, новиот GTI може полуавтономно да управува до брзина од 210 километри на час – што значи да подзапре ако напред има побавен автомобил, да го следи свијокот на автопат и самостојно да запира и поаѓа во случај на застој на патот.
Опција за светлечка лента по целата ширина на каросеријата, како придружба на фамозната црвена лента што е заштитен знак на Golf GTI
Инструментите и главните функции во кокпитот ќе бидат комплетно дигитализирани. На фамозната црвена лента во маската, сега ѝ се придружува светлечка диодна лента по целата должина на маската. Тоа ќе биде достапно како опција.
Околу моќноста на турбо-бензинецот, Волфсбург остава простор за шпекулации и наведува дека таа „ќе ги надмине очекувањата“. На сцената веќе одамна се шпекулира со вредност од 245 КС, односно исто колку што поседува и Performance-изведбата на GTI VII. Истото се однесува и на подвозјето, за коешто ќе биде достапна и нова генерација на приспособливата аморизација DCC.
Заедно со GTI ќе има премиера и дизел-варијантата GTD, со зголемена моќност во споредба со претходникот и со двојно впрскување на Адблу, заради натамошно намалување на емисијата на азотни оксиди.
https://www.instagram.com/p/B8i_jwUIo-w/
















