Golf, едно од највредните имиња во автомобилската историја, но и пошироко во светската култура, во следната деценија ќе продолжи да вози како чисто електричен автомобил.
Volkswagen нема да развива нова генерација на Golf, којашто ќе користи мотори со внатрешно согорување, откако тековниот модел ќе го достигне крајот на производствениот век.
За тековната, осма генерација на Volkswagen Golf, во следната година се подготвува обемно подновување. „Тоа ќе му овозможи да биде во одлична форма до завршетокот на деценијата. Потоа ќе видиме како ќе се развива сегментот,“ изјави директорот на марката Volkswagen, Маркус Шефер, во интервју за германскиот индустриски гласник Аутомобилвохе.
„Доколку светот до 2026 или 2027 година се развива сосем поинаку од очекувањата, во тој случај би можеле да развиеме уште едно сосем ново возило. Но, не верувам во тоа. Не постои таков план во моментов,“ објаснува Шефер.
Golf е иконски модел на марката, на целата бранша, и претставува светско автомобилско наследство, произведуван во низа генерации уште од 1974 година. Името Golf сепак ќе се користи и во иднина, но за целосно електричен модел.
View this post on Instagram
„Јасно е дека нема да се откажеме од иконските имиња, како што се Golf, Tiguan и GTI, туку нив ќе ги пренесеме во електричниот свет,“ кажува Шефер. „Но, што се однесува посебно за Golf, мораме да ги задржиме неговите гени. Не може некое возило само да го наречеме така. Нема да направиме таква грешка. Затоа, електричниот Golf ќе го претставиме, дури кога тој навистина ќе поседува гени на Golf – на пример, да има понизок покрив во спроедба со ID.3.“
Шефот на марката очекува дека тоа би можело да се случи најрано во 2028 година, кога Volkswagen ќе почне да ја користи својата нова платформа за електрични возила SSP.
Volkswagen по 2033 година ќе произведува исклучиво електрични автомобили во своите европски фабрики, најави Маркус Шефер во претходна пригода.
















