Карлос Гон вели дека зделката меѓу Нисан, Хонда и Мицубиши е „прикриено преземање“ од Хонда

карлос гон тужба nissan

Бегалецот од јапонските власти и поранешен претседател на Нисан, Карлос Гон, стекна висок углед преку раководењето со сојузот меѓу Рено и Нисан, близу две децении пред да биде притворен. Некогашниот шеф вели дека склучување соработка меѓу производителите е едно нешто, а сосем друго е таа соработка да функционира.

Карлос Гон, човекот што раководеше со Нисан близу две децении, во услови на успешна соработка со Рено, пред да се случи спектакуларното распаѓање на сојузот, се сомнева во успехот на новото тројство меѓу Нисан, Мицубиши и Хонда.

Предложеното јапонско партнерство, што беше објавено на 1-ви август, на конференција за медиуми во Токио, ќе ги здружи компаниите во заеднички развој на електрични возила и возила што се базираат на софтвер, како и во набавките на суровини и компоненти.

Нисан и Хонда ги објавија деталите околу идејата, којашто датира од март, кога беше потпишан привремениот договор. Тие во следната година ќе почнат заеднички да развиваат оперативен систем за своите автомобили. Намерата е примената на тој систем да почне по 2027 година.

„Склучувањето сојуз е лесна работа. Да се направи тој сојуз да делува, тоа е сосем друго,“ кажа Гон од својот дом во Либан, каде што живее како бегалец од јапонските власти, откако во декември 2019 година плати кауција за да биде пуштен во домашен притвор, и набрзо потоа да побегне од Јапонија, сокриен во кутија за контрабас.

Бројни детали од зделката меѓу Нисан и Хонда, вклучувајќи детали за финансирањето и инвестициите, остануваат во магла. Нештата се усложнија дополнително откако Мицубиши се придружи во сојузот.

Гон, кој раководеше со сојузот меѓу Рено, Нисан и Мицубиши, до неговото приведување на аеродромот во Токио во ноември 2018 година, вели дека новите партнери се соочуваат со големи предизвици. Тој додава дека односите во партнерството повеќе личат како преземање од страна на Хонда, отколку како вистинска соработка меѓу рамноправни партнери.

Прикриено преземање

Гон го темели своето тврдење врз фактот дека Хонда во моментов е далеку најсилен партнер во тројството.

Нисан остана речиси без каков било профит по вториот квартал годинава, поради големите попусти што им ги даваше на купувачите во САД. Компанијата се бори да го задржи растот во продажбата на своите возила на светскиот пазар. Во фискалната година што заврши на 31-ви март, Нисан постигна раст во продажбата од 4,1 проценти и продаде вкупно 3,4 милиони возила.

И покрај тоа што лани беше прекроен сојузот со Рено, за Нисан да стекне независност, јапонскиот производител повеќе личи како компанија „што се обидува да најде спасител,“ цени Гон. „Потпишувањето договор со Хонда личи како првичен обид да се одвлече вниманието од слабите резултати.“

Вториот најголем производител на возила во Јапонија, за разлика од Нисан, пријави рекордна оперативна добивка за фискалната година што заврши на 31-ви март. Продажбата на Хонда во светот се зголеми за 11 проценти, на 4,1 милиони возила.

„Воопшто не можам да замислам како ќе функционираат нештата меѓу Хонда и Нисан, освен ако тоа не е преземање, и освен ако тоа не е прикриено преземање на Нисан и Мицубиши од страна на Хонда, со Хонда на возачкото седиште,“ вели Гон. „Тоа ќе биде преземање, прикриено преземање.“

Нисан и Хонда немаат разговарано околу меѓусебната размена на уделите во капиталот, кажаа извршниот директор на Нисан, Макото Учида, и неговиот колега од Хонда, Тошихиро Мибе, на заедничката конференција за медиуми.

Мибе додаде дека не е исклучена таква можност.

Партнерите разгледуваат бројни опции, а веројатно и основање нова компанија, додаде шефот на Хонда. Сличен таков пристап беше применет при воспоставувањето на независната соработка за електрични возила со гигантот Сони.

Голем предизвик

Рено во 1999 година го испрати Гон во Јапонија, за да го спаси Нисан од банкрот. Тој успеа да ја врати јапонската индустриска икона во живот и тоа му донесе голема почит како вешт менаџер. Набрзо потоа, на Гон му беше доверено да раководи и со францускиот и со јапонскиот производител. Тој стана прв човек што истовремено раководел со две компании од списокот на Форчн 500.

До 2016 година, тој го диригираше преземањето на контролен удел од 34 проценти во акциите во Мицубиши Моторс Корпорација од страна на Нисан. Со тоа, алијансата меѓу Рено, Нисан и Мицубиши прерасна во најголема автомобилска групација во светот.

Навраќајќи се на тие времиња, Гон кажа дека успешните партнерства се чин на балансирање.

„Нивната меѓусебна соработка е само 5 проценти од предизвикот. Останатите 95 проценти се подрачја во коишто навистина ќе треба да се даде заложба, да се има силна позиција и да се подели работата,“ вели Гон. „Треба да се работи на синергијата. Потребна е сигурност дека партнерите нема да се фиксираат на својот идентитет или на националната припадност. Потребно е да се гледа конечниот исход, да се зголемат приходите и да се скусат трошоците.“

Неизвесно е дали алијансата што сега се формира ќе може да го ослободи својот целосен потенцијал, кога ќе се има предвид дека Хонда отсекогаш настојувала да ја задржи својата независност, оценува Гон. Хонда досега немала случаи на поголемо делење на капиталот со друг производител на автомобили, иако во минатото имаше лабава поврзаност со Џенерал Моторс.

Во неговото време како шеф на Нисан, Гон кажа дека никогаш не се разгледувала можност за здружување со Хонда.

„Свртев друга страница“

Ерата на Гон во Рено-Нисан-Мибубиши заврши со неговото приведување и со обвинението во Јапонија за четири случаи на финансиска проневера.

Поранешниот директор на Нисан, кој порекнува дека направил било каков престап, вели дека обвиненијата против него биле поднесени за да се спречи зголемување на влијанието на Рено во Нисан.

Гон пребегна во својата татковина Либан, откако побегна од Јапонија во драматично организирана акција, сокриен во кутија за контрабас во чартер лет. Јапонија издаде црвена потерница на Интерпол, за Гон да се приведе. Но, тој поседува либански пасош, а Либан не ги екстрадира своите жители.

Гон во моментов предава на локален колеџ и им нуди совети на старт-ап компании што бараат помош. Тој и натаму се бори во разни судски предмети по целиот свет, вклучувајќи ја Јапонија, чиешто државно обвинителство уште води кривична пријава против него, а дополнително се води и цивилна постапка, во којашто Нисан бара отштета од преку 100 милиони долари. Во меѓувреме, Гон во судот во Либан поднесе цивилна жалба против Нисан и бара 1 милијарда долари оштета.

„Имам јас свои адвокати. Тие работат на случаите,“ вели Гон.

„Ја свртев страницата. Тука имам свој живот. Јас сум човек на 70 години. Имав мошне бурен живот, така што сега се обидувам да уживам во времето.“

Претходна објаваКиа почнува со нарачки за електричната ЕВ3, поголема од Сид
Следна објаваГермански драгстори се откажуваат од службени Тесли, откако Маск застана во поддршка на Трамп

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here