Германски драгстори се откажуваат од службени Тесли, откако Маск застана во поддршка на Трамп

Росман има 34 автомобили Тесла во својот возен парк што опфаќа 800 возила.

Германскиот ланец драгстори Росман повеќе нема да набавува возила Тесла за својот возен парк, откако Илон Маск искажа поддршка за Доналд Трамп.

Росман, со повеќе од 62.000 вработени и повеќе од 4.700 подружници ширум Европа, ја соопшти одлуката во посебно соопштение за јавноста.

Компанијата во семејна сопственост соопшти дека ќе продолжи да ги користи возилата Тесла што веќе ги има во својот возен парк, поради целите за одржливост и заштита на животната средина, но за идните нови автомобили во својот возен парк ќе се обрати кај други производители, за модели од нивната понуда.

„Илон Маск не ја крие својата поддршка за Доналд Трамп. Трамп повеќепати има кажано дека климатските промени се бесмислица,“ изјави во соопштението Раул Росман, синот на основачот на компанијата и милијардер Дирк Росман. „Овој став е во чиста спротивност со мисијата на Тесла, да се даде придонес за заштита на животната средина, преку производство на електрични автомобили.“

Маск, извршниот директор на Тесла, застана во поддршка на Трамп на друштвената мрежа Икс, што е во негова сопственост, веднаш по неуспешниот обид за атентат на поранешниот претседател. Тој подоцна потврди дека донирал на политичкиот комитет што го подршува кандидатот на Републиканците.

Според претставниците на компанијата, Росман во моментов располага со 34 возила Тесла во својот возен парк што содржи 800 автомобили. Компанијата секоја година купува по 200 нови автомобили.

Германскиот софтверски гигант САП пред неколку месеци исто така соопшти дека повеќе нема да им нуди Тесла на своите вработени, повикувајќи се на променливите цени што го нарушија управувањето со возниот парк на компанијата. Фирмата за рентакар Сикс исто така објави дека ги продава возилата Тесла во својот возен парк, од слични причини.

Претходна објаваКарлос Гон вели дека зделката меѓу Нисан, Хонда и Мицубиши е „прикриено преземање“ од Хонда
Следна објаваХонда оствари рекордна добивка, расте побарувачката во САД, слаб јен

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here