Германските градови Манхајм, Херенберг и Ројтлинген изработија посебни планови за подобрување на квалитетот на воздухот. ЕУ се закани дека ќе ја казни земјата поради високата загаденост на воздухот на целата нејзина територија. Сите градови имаат едно заедничко во планот: Подобрување и поинтензивно користење на градскиот превоз како најефикасна мерка против загадувањето од дизелот.
Во три градови во германската покраина Баден-Виртемберг ќе се тестира ефикасноста на различни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, особено во поглед на намалувањето на концентрацијата на азотните оксиди од дизел моторите. Градовите Херенберг, Ројтлинген и Манхајм изработија планови, коишто ќе бидат ставени на гласање пред властите.
Во ниту еден од градовите не се бара воведување бесплатен градски превоз, но затоа сите предвидуваат мерки за проширување и подобрување на јавниот превоз. Оддалечен триесетина километри од Штутгарт, градот Херенберг предлага дигитално управување со главните крстосници, но и подобрување на градскиот превоз преку оптимизација на возниот ред и намалување на цената на билетот. Градот брои околу 30.000 жители.
Поинтензивно користење и подобрување на градскиот превоз како најефикасна мерка против загадувањето од дизелот
Ројтлинген оди чекор понатаму и на возачите што доброволно ќе се откажат од користење на својот автомобил во времетраење од една година ќе им обезбеди бесплатна годишна карта за јавен превоз во регионот, вклучувајќи ги и соседните градови Тибинген и Зигмаринген.
За семејствата се предвидува годишно членство во локална компанија за краткотрајно изнајмување возила (car-sharing), како и ваучери за такси превоз и привилегирана слободна карта со попуст од 50 проценти. Градот со нешто повеќе од 100.000 жители за таа цел ќе побара девет милиони евра од сојузната влада.
Во Манхајм се предлага воведување поголеми привилегии при користење на слободната карта за градски превоз за вработени или намалување на цената на јавниот превоз. Градоначалникот на Манхајм првенствено очекува поголем ангажман од автомобилската индустрија, преку бесплатно вградување поефикасни системи за пречистување на штетните материи во возилата со дизел мотор.
Келн и Бон се следните два германски „модел-градови“ кои треба да дадат предлози за подобрување на квалитетот на воздухот.
Само третина од новите автомобили во Германија се дизели
Van Hool ќе испорача 40 автобуси на водород во Германија
Цените на дизелите десеткувани по забраните за сообраќај во Германија
Електричниот камионет на германската пошта се продава како луд
ЕУ ја тужи Германија поради загадениот воздух
















