за

Еден од секои нови десет автомобили во Германија е електричен

Долго време се чинеше дека Германија ќе остане верна на класичниот погон, но предвидувањата се покажаа погрешни. Државата вложува многу, трпи и пазарот на користени возила.

Повеќе од 25.000 електрични автомобили се продадени во Германија само во текот на месец мај годинава. Тоа значи дека автомобилите со погон на струја во меѓувреме учествуваат со солидни 11% во вкупната продажба на автомобили во земјата.

Се случува голема пресвртница во продажбата на електрични автомобили на најголемиот пазар во Европа и еден од највлијателните пазари во светски рамки. Продажбата на возила на струја во Германија напредува по нагорна линија. Во мај дури 11% од новите автомобили во земјата биле електрични. Главните поттикнувачи за овие промени, покрај масовното ширење на свесноста за животната средина меѓу народот, претставуваат и даночните повластици, но првенствено за тоа се заслужни огромните државни субвенции за купување автомобил на струја.

Прашање на време е кога овие масивни промени ќе почнат да влијаат и врз пазарот на користени автомобили, кој во последнава деценија е главен извор за „нови“ користени автомобили во регионот на Балканот, односно во повеќето држави во Централна и Источна Европа. За многу кусо време ќе стане многу тешко во Германија да се продаде користено возило по цената којашто продавачот очекува дека е реална за неговиот автомобил.

Дизел возилата се главните губнитници од пресвртницата во мобилноста

Најмногу ќе бидат погодени сопствениците на возила со дизел мотор. Германија продолжува да воведува сé построги норми за емисијата на штетни материи. Колку се нормите построги, толку помалку вредат нивните автомобили со штетен издув. Дизелите, покрај висока емисија на неразградливи честички (PM), во правилно освестените средини се поврзуваат и со висока емисија на азотни оксиди, којашто е дури и поштетна.

Се најавуваат и забрани за пристап со дизел возила во одредени подрачја во градовите. Потенцијалните купувачи многу поодговорно размислуваат дали при купувањето на користено возило да се решат за дизел возило. Сето тоа придонесува цената на дизелите да паѓа драстично.

Ситуацијата е различна со сопствениците на возила со бензински мотор. Тие имаат далеку помалку проблеми да го продадат својот автомобил. Единствено е проблем да се продаде автомобил со големи недостатоци, возила што не се во возна состојба и возила што немаат поминато на технички преглед. Токму тие возила пристигаат во Македонија, во голем дел и преку увоз од плацевите со користени возила кај источниот сосед.

Во меѓувреме во Германија се појавуваат синџири за откуп на „проблематични“ користени возила, чијшто оператори имаат силни врски со странските земји – читај Македонија, Бугарија, Романија итн – и помагаат сопствениците на возила со дизел со висока емисија да ги продадат своите автомобили побрзо, па дури и по повисока цена оттолку возилото да се продава во Германија. Нормално, државите во регионов немаат воведено механизми за заштита од автомобилите што во Германија и во Западна Европа загадуваат, но по некое „чудо“, кога ќе пристигнат тука, тие одненадеж престануваат да бидат загадувачи на животната средина.

Сето тоа треба да биде краен аларм за македонските автомобилски „власти“.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Центарот Kia360 во Сеул збогатен со нови содржини

Bosch ќе испорачува техника за производство на батерии за автомобили