Германскиот канцелар бара ЕУ да се откаже од забраната за мотори со внатрешно согорување по 2035

Германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе испрати писмо до Европската комисија, со повик автомобилската индустрија да ѝ се остават опциите за другите погонски технологии, по планираното запирање на продажбата на нови автомобили со мотор со внатрешно согорување во Унијата по 2035 година.

Канцеларот Мерц на штандот на БМВ на ИАА Мобилност во септември во Минхен, покрај извршниот директор Оливер Ципсе

„Целта е пред сé да се постигне добра рамнотежа меѓу конкурентноста и барањата за заштита на животната средина,“ изјави Мерц на конференцијата за новинари на 28-ми ноември, на којашто зборуваше за состанокот меѓу коалициските партнери во германската влада, што се одржа во минатата седмица.

Конзервативците на Мерц и коалицирачките социјалдемократи бараат ЕУ да дозволи приклучни хибриди, електрични автомобили со продолжувач на досег и возила со конвенционален погон со „висока ефикасност“ по 2035 година, откако ќе стапи на сила забраната, изјави Мерц.

Мерц долго време ги подржува ставовите на германската автомобилска индустрија во поглед на олеснувањето на целите за емисијата, меѓутоа социјалдемократите, коишто се помлад партнер во коалицијата, се поделени по тоа прашање.

Се очекува Европската комисија на 10-ти декември да објави пакет предлози, со коишто ќе ѝ се помогне на автомобилската индустрија, додека таа се соочува со проблеми, како различната брзина на преоѓање на електрични возила (БЕВ), со царините во САД и со засилената конкуренција од Кина.

Меѓу предлозите треба да се најде и планот за смалување на емисијата на штетни материи за 2030 и 2035 година. Производителите на автомобили во почетокот на годинава добија одложување на целите за намалување на ЦО2, што требаше да важат за 2025 година. ЕУ се сложи, на завршетокот на 2027 година да се пресмета просекот од емисијата од 2025 година натаму, и тогаш да се утврди кој производител е над лимитот.

„Нашата цел треба да бидат технолошки неутрални, флексибилни и реалистични закони за ЦО2, што ќе ги исполнат таргетите на ЕУ за заштита на климата, без да се загрозуваат иновациите и индустријата на создавање дополнителна вредност,“ порача Мерц во писмото, коешто на 28-ми ноември пристигна во канцеларијата на претседателката на комисијата Урсула фон дер Лајен.

Ставот на Мерц, да се дозволи хибридите да се продаваат и по 2035 година, не наиде на општа прифатеност меѓу лидерите на најголемите економии во Европа.

Франција и Шпанија ја повикаа Европската Унија, при планираната ревизија на целите за емисијата на ЦО2 во 2030 и 2035 година, да се придржува до плановите за забрана на автомобили со мотор со внатрешно согорување по 2035 година.

Мерц во писмото бара многу подлабоки промени во првичниот план на фон дер Лајен, по 2035 година да важи забрана за возила со мотор со внатрешно согорување. „Мораме да ја земеме предвид емисијата на целиот возен парк, а тоа значи од новорегистрираните и од постоечките возила,“ порачува Мерц.

Нагласувајќи ја важноста на трајната посветеност за преоѓање на електрични возила, Мерц кажа дека коалицијата исто така се сложила да одобри програма за субвенционирање, со којашто ќе им се помогне на домаќинствата со ниски и средни примања, при купување или лизинг на БЕВ или ПХЕВ-возила.

Планирана е основна субвенција од 3.000 евра, којашто ќе се зголемува за 500 евра по дете, најмногу за 1.000 евра, стои во документот на коалицијата.

Германија ги враќа субвенциите, 5.000 евра за нов електричен автомобил

Тоа сепак не беше доволно за да стивнат критиките од активистите, како што е организацијата Транспорт и Животна средина, којашто обвини дека Берлин се држи до минатото, со одлуката со којашто само ќе ги зголеми притисоците врз производителите на автомобили.

„Секој што е убеден дека Германија ќе може во иднина да обезбеди работни места и создавање дочполнителна вредност со технологијата на мотори со согорување, што веќе е застарена, намерно ги затвора очите пред реалноста,“ кажа шефот на Организацијата за Германија, Себастијан Бок.

Производителите на автомобили во Унијата долго се незадоволни од плановите на ЕУ, а извршниот директор на Мерцедес-Бенц, Ола Калениус, кој претседателствува со лобито на производителите АЦЕА, е меѓу најгласните заговорници да се ублажат законите за емисијата на ЦО2.

[the_ad id=”85764″]

Франција и Шпанија „се надеваат дека при претстојната ревизија нема да се откаже ограничувањето за 2035 година и еколошката амбиција на траекторијата на движењето на емисијата на ЦО2 што оди во таа насока,“ се наведува во документот што кон завршетокот на октомври беше поднесен пред министрите за клима.

„Оваа ревизија во ниту еден случај не треба да ја става под прашалник целта за нулта емисија на штетни материи по 2035 година.“

Шпанија и Франција се за задржување на првичните планови за 2035 година

Иако Шпанија и Франција тврдат дека клучните климатски цели не треба да се менуваат, тие пак оставаат простор за „флексибилност“ за производителите на автомобили со фабрики во Европа. Тие предлагаат режим на „суперкредити“ коишто ќе се засноваат врз уделот на делови од локално потекло, стои во документот.

Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, во септември изјави дека целта во 2035 година да се воведе забрана за мотори со внатрешно согорување е „самоубиствен“ став во однос на индустриските и еколошките теми.

„Забраната за автомобили со ендотермички мотори по 2035 година е еден од најочигледните примери за самоубиствениот пристап,“ изјави Мелони на настан во Рим на 18-ти септември. „Вклучувањето на индустрискиот сектор во предизвиците на еколошката транзиција не треба да води кону распаѓање на цели сектори,“

Оваа ситуација претставува дополнителен товар за владата на Мерц, којашто се обидува да постигне економски раст, во време на домашни и геополитички предизвици, вклучувајќи ја застарената инфрастуктура, стареењето на работната сила и војната во Украина.

Автомобилот е германски пронајдок од завршетокот на 19-от век и претставува симбол на националната гордост. Екстремната десничаррска Алтернатива за Германија, АфД, ја искористи ситуацијата и се противи на преоѓањето на електрични возила. Националистичката партија се бори против конзервативците за првото место во анкетите меѓу гласачите.

Претходна објаваИталија го слави доаѓањето на новиот Фиат 500 Хибрид како да е национален празник
Следна објаваПежо Партнер за професионалци, со погон на сите тркала и качен 9 сантиметри

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here