за

GAZelle NN во Русија може да се купи онлајн

Главниот дистрибутер за возилата од GAZ Group во Русија започна со онлајн продажба на новата генерација на доставното возило GAZelle NN. Има и подароци.

Купувачите на возило од новата генерација на GAZelle можат да го изберат моделот, да го резервираат и да платат за возилото, преку онлајн-продавницата што е организирана според сите стандарди на вебсајтот на рускиот производител.

Русите променија сé околу своето доставно возило GAZelle, коешто од минатото лето вози во новата генерација со додаток NN во ознаката. Сменета е техниката, се внимавало многу на трајноста и на издржливоста на техниката, но и на комфорот и на работната средина на возачот. Има и нова генерација менувачи, заедно со дволитарскиот TDI од Volkswagen што се вградува во моделската серија, покрај познатиот 2,8-литарски Cummins. Се подржува и дигитализацијата во работното секојдневие, односно поврзување онлајн и користење онлајн услуги. Гамата дури вклучува и чисто електрична изведба. Сето тоа сега е заокружено со понудената можност за возилата да се купат онлајн.

Испораката на нарачаните и платени возила засега може да се изврши во три градови: Москва, Санкт Петерсбург и Казан. За понатаму е планирано проширување на достапноста. Како повластица, купувачите добиваат документ којшто им гарантира две бесплатни одржувања на возилото во рамките на редовното сервисирање.

GAZ Group, односно огранокот „Современные транспортные технологии“ меѓу првите што стартува со онлајн-продажба на стопански возила во Русија. Сите модели што се понудени за резервација се од актуелното моделско годиште. Откако ќе се направи изборот, возилото се резервира со плаќање износ во висина од 50.000 рубли, односно близу 600 евра. По резервацијата, возилото се испорачува во еден од трите градови, Москва, Санкт Петерсбург или Казан. При преземањето на возилото, истото се проверува во дилерски центар на GAZ, по што се врши плаќање и возилото може да се преземе. Целата постапка не трае подолго од две недели.

Предноста при набавката е во едноставноста на постапката, во заштедата на време, во гарантираната цена што се добива при нарачката преку вебсајтот, како и во бесплатното сервисирање во рамките на редовниот сервисен рок од една година по купувањето.

Планот е целата понуда на возила на GAZ Group да биде достапна за онлајн купување

Првите клиенти веќе се јавија, конретно станува збор за компанија од Омск, којашто го презела возилото во Казан, а притоа била организирана и мала пригодна свеченост. Стартот на онлајн-продажбата на GAZelle NN е само првиот чекор, затоа што групацијата планира целата своја понуда од возила да ја направи достапна за онлајн-купување.

Директен увозник за возилата GAZ во Македонија е компанијата АБЦ Бротхер од Скопје, увозник меѓу другото и за возилата DFSK.

>>> Поштата во Русија доаѓа со електрична GAZelle

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ја видовте рекламата за Toyota Tundra со Џоунсови?

Дамите реагираат на Kia Sportage: Најдобар семеен СУВ во светот