за

Новата GAZelle NN стартуваше со продажба и на бугарскиот пазар

Новата генерација на доставните возила GAZelle NN, со издув според Еуро 6, на гигантот од Русија му отвори пристап и на бугарскиот пазар.

GAZelle NN е првиот модел на товарно возило на познатата руска групација GAZ што е достапен на бугарскиот пазар. Во Македонија имаме многу подолга традиција со товарните возила на GAZ, испораките на „NN“ почнаа уште одамна.

Моторите со издув според нормата Еуро 6, но и останатите параметри со коишто новата генерација на доставни возила на GAZ им конкурира на Transit & Co, го отворија бугарскиот пазар за GAZelle NN. Понудата од моделски изведби од генерацијата што ја наследува претодната GAZelle Next кај источниот сосед е слична со таа што македонскиот увозник АБЦ Бротхер им ја нуди на клиентите на нашиот пазар.

Вкупно осум моделски варијанти се во понуда, вклучувајќи фургон во стандардна и продолжена изведба, камион со отворена платформа со единечна или двојна кабина и  комби со странични стакла и два реда седишта. Продажбата на бугарскиот пазар се организира преку Авто Унион, најголем автомобилски холдинг во земјата. Зафатнината на товарниот простор на фургонската изведба во одделните варијанти изнесува 7,5 / 9.5 / 11.5 и 13.5 метри кубни.

Првиот продажно сервисен центар е отворен во Софија, а за следната година се планира отворање на центри во Варна, Бургас, Пловдив, Русе и Стара Загора.

Како што објавивме претходно, кога стартуваше испораката во Македонија, во GAZelle NN се вградува дволитарски TDI со издув и бучавост според норма Euro 6, со моќност од 136 КС и вртежен момент од 340 њутнметри. Станува збор за доставно возило во највисоката класа на носивост во категоријата до 3,5 тони, со камионска шасија и со задна погонска оска со по две тркала.

Русите вложија многу и во новата генерација менувачи, којашто ја потпомага штедливоста, додека во исто време го олеснува ракувањето, што е важно во возачкото седкојдневие. Новиот шестстепен менувач е конструиран за вртежен момент до 450 њутнметри, а сервисирањето е предвидено по 300.000 километри.

Според Милен Кристов, директор на GAZ во холдингот Авто Унион порачува дека „GAZelle NN не е само нов модел на лесно доставно воизло, туку претставува и предводник на нова генерација возила на GAZ. Тоа е платформа што ќе продолжи да се развива и во подолг рок ќе служи како основа за развој на нови модели и варијанти на товарни возила.“

Холдингот Авто Унион држи 15 до 20 проценти од бугарскиот автомобилски пазар. Со GAZelle NN се очекува пазарниот удел во сегментот на лесните доставни возила да се зголеми на околу 30 проценти. Уште пред да започне официјалниот старт на продажбата, бугарскиот увозник веќе продаде 140 возила. Тоа најдобро укажува на популарноста што новиот модел ја ужива меѓу компаниите, но и на довербата во возилата на рускиот производител, познат на нашите простори меѓу другото и по народскиот крстосувач Волга и по Чајка, марка за државниот врв во тогашниот Советски Сојуз. Најголемата единечна нарачка за GAZelle NN ја има направено бугарската компанија за достава на пратки DPD.

Вебсајтот на македонскиот увозник АБЦ Бротхер е на следниот линк.

 

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Видеото за новата Opel Astra прегледано над 800.000 пати

Mitsubishi го враќа во игра името Ralliart