за

Руските камиони GAZ почнаа да возат во Австралија

Со концепт сличен на Unimog и со реноме на издржливост на руско возило, GAZ почна да извезува и во Австралија. Не е изненадување што продажбата стартува со теренскиот камион Sadko Next.

Камионите на руската групација GAZ отсега ќе возат и на австралискиот континент. Првиот модел што е испорачан во далечната земја е теренскиот камион Sadko Next.

Продажбата на GAZ стартува со камионот Sadko Next, што стандардно се испорачува со погон на сите тркала и конструиран е за работа и за патување во отежнати, па дури и исклучително предизвикувачки теренски услови. Првите примероци се во изведба со единечна кабина, за понатаму се планира да се нуди и изведбата со двојна кабина.

Камионите се приспособени за возење по левата страна од патот, односно воланот е вграден десно. Продажбата и сервисирањето ќе се одвиваат преку Australian adventure vehicles 4×4 (AAV 4×4), компанија што е специјализирана за изработка и за продажба на теренски возила.

Sadko Next е модел од новата генерација на прочуените теренски возила на GAZ, што ги наследува високите теренски својства од претходните генерации и ги надградува со лесна возливост, пристоен комфор, висока функционалност и современи технички решенија. Високата теренска проодност ја обезбедуваат големото растојание од подлогата, свитливата рамка, високата теренска редукција, блокадата на предниот и задниот диференцијал, како и системот за регулирање на притисокот во гумите.

Хомологацијата на возилата за австралискиот пазар е слична со хомологацијата за ЕУ, така што рускиот производител немаше дополнителни проблеми околу стартот на продажбата на Sаdko. Во промоцијата се приклучи и компанијата AAV 4×4, којашто изврши посебни тестирања и проверка на електричните системи, на безбедносните уреди, на електронките уреди за контрола на стабилноста. Sadko Next се тестираше и под полно оптоварување. За условите на возење и патување во Австралија сепак е клучно возилото да биде крајно издржливо и 100% сигурно, имајќи предвид дека до најблиската сервисна работилница честопати има неколку стотини километри.

Sadko NEXT во Австралија ќе се продава под името GAZ Trackmaster

Брет Болтон, директор на AAV 4×4, објаснува зошто руските возила се добредојдени на австралиската почва: „Ние работиме во Бризбејн на источниот брег на континентот, што поради своите природни и климатски услови може да се нарече ‘австралиска престолнина на погонот на сите тркала’. Русија исто е позната како земја со сложени патни услови, а тоа значи дека возилата што се конструирани за рускиот пазар се издржливи и во најтешките услови и може да издржат високо оптоварување. Таква репутација имаат руските возила. Покрај тоа, GAZ Trackmaster располага со мошне богата стандардна опрема, добра амортизација и големи тркала.

Првата целна група за GAZ Sadko Next во Австралија се љубителите на патувањата. Следен чекор ќе бидат државните служби што располагаат со поголеми возни паркови. Реакциите од клиентите се мошне охрабрувачки, а веќе пристигаат и барања за соработка со работилниците што вршат надградби.

Sadko Next располага со носивост до 3 тони и може да влече приколка тешка до 2,56 тони. Дизел моторот YAMZ-534 се одликува со висока еластичност и висока вредност на вртежен момент уште при најниски вртежи. Моторот постигнува моќност од 149 КС и вртежен момент од 490 њутнметри.

Во последниве месеци постои голем интерес за возилата на руската GAZ Group и на македонскиот пазар. Причина за тоа е пристигањето на новата генерација на GAZelle NN, доставно возило што се нуди во сите вообичаени варијанти и конкурира директно на Ford Transit и останатите докажани модели. Директен увозник за возилата од рускиот производител е АБЦ Бротхер, компанија што досега има испорачано веројатно над илјада камиони од кинескиот концерн DFSK.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Opel Mokka е „Дизајн на годината“ за британскиот Top Gear

Porsche отвори салон „Курвистан“ во Минхен