за

Автобуси со погон на метан произведува и руски GAZ

Кога се купува со народни пари, обично се купува скапо. Причините за тоа одамна се обнародени. Додека GAZ е актуелен со новата генерација на „европскиот“ GAZelle, не е на одмет да се погледне и во останатата понуда што ја имаат Русите.

Групацијата GAZ важи како најголем производител на стопански возила во Русија, со широка гама од камиони, но и со автобуси што не заостануваат зад понудите од марките со позвучни имиња на сцената.

Групацијата GAZ, во чијшто состав влегува и марката автобуси LiAZ, неодамна испорача 110 автобуси за Челјабинск, град со 1,2 милион жители во централна Русија и седми најголем град во земјата. Тоа ќе беше обична вест, доколку не се работеше за автобуси што користат компримиран природен гас, односно CNG.

Автобусите се од моделот LiAZ-5292 CNG, кој се издвојува како еколошки модел. Набавката е дел од државниот проект за чист воздух наречен едноставно „Екологија“. Главната цел на проектот е да се намали загадувањето на воздухот во големите индустриски центри.

Фабриката за автобуси LiAZ се наоѓа во Ликино, град на околу 100 километри оддалеченост од Москва, и произведува автобуси уште од 1959 година. Возилата за Челјабинск користат мотор YaMZ-536 со погон на метан и ја исполнуваат нормата за животна средина Euro 5.

Од клучна важност е во автобускиот јавен превоз во големите градови да се користи погон на метан, поради значително почистата емисија, а воедно и ниската цена на горивото, што прави и билетот да биде поевтин

Компримираниот природен гас согорува хемиски, без ослободување чад, а содржината на штетни оксиди е четирипати пониска од максималното ниво што го дозволуваат стандардите за заштита на животната средина. Тоа е особено важно во големите градови. Покрај тоа, цената на гасот е значително пониска во споредба со дизелот, што понатаму го поевтинува и транспортот за граѓаните.

Автобусите располагат со капацитет за 108 патници, вклучувајќи 28 седишта и простор за лица со телесна попреченост. Конструкцијата е нископодна, за да се овозможи пристап со помошна количка се вградува механичка рампа и нема скалила во патничкиот простор. Дополнително е изведен и простор за пес водич за лица со оштетен вид.

За комфорот на патниците се грижат безжичен рутер, USB приклучоци за полнење, тапацирани седишта и климатизација. Електронски регулирано наведнување на каросеријата овозможува во автобусот да влезат сите категории патници, исто како и да се качи крупен багаж, велосипед, скутер, куфер итн.

>>> GAZelle за професионално штедење: Камиони со погон на метан

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Новата SEAT Arona го освежува сегментот со поцврст изглед и револуционерен ентериер

Kia EV6 ја победи Tesla на класичниот американски „coast to coast“