Корисниците на Free Now во Хамбург и Минхен добија на располагање по 400 електрични скутери, додека во германската престолнина Берлин ќе возат преостанатите 800 од вкупно 1.600-те скутери со погон на струја. За користење е доволна само мобилна апликација и претходно регистрирање.
Компаниите за мобилност веќе се напреднати далеку во европските метрополи. Пример за тоа е компанијата Free Now, којашто на своите корисници им нуди такси-превоз, шоферска услуга, пристап до јавен возен парк од автомобили, електрични тротинети и велосипеди. Новина се електричните скутери, кои отсега им стојат на располагање на жителите и туристите во Минхен, Хамбург и Берлин.
Целта на Free Now е да се намали индивидуалниот сообраќај со автомобили во градовите и со користење на нивните електрични возила да се даде придонес во насока на одржливоста на животната средина.
Електричните скутери што сега се вклучуваат во мрежата на Free Now, всушност припаѓаат на компанијата emmy, којашто со оваа соработка добива силен поттик за својата работа. За интеграцијата беше потребно единствено скутерите да се вклучат во мобилната апликација на Free Now.
Најблиските скутери се наоѓаат преку апликацијата, којашто се користи и за отклучување, како и за наплата на услугата. Во преградата под седиштето се наоѓаат два шлема, со заштитна капа за еднократна употреба. Цената се пресметува во минути.
Free Now е заедничка компанија за мобилност на Daimler и BMW. Нејзините услуги се достапни во десет европски држави (Free Now), на пет латиноамерикански пазари (Beat) и на уште три европски пазари (hive). Целиот круг опфаќа 41 милиони корисници на 17 пазари и во повеќе од 150 градови. Free Now е најголем понудувач на услуги за мобилност во Европа. Компанијата вработува над 2.200 лица на 35 локации ширум светот. Генерален директор е Марк Берг.
















