
Електричните автомобили во август освоија близу 40 проценти од францускиот пазар, што е двапати повисок удел во споредба со истиот месец во 2025 година. Првпат се случува, електричните автомобили да достигнат толку висок удел на пазар што се вбројува меѓу петте најголеми во Европа.
Со толку висок удел, просечната емисија на ЦО2 од новите регистрирани автомобили во Франција се спушти на 67,1 грами на километар, што е рекордна вредност, далеку под предвидениот просек на ЕУ за периодот од 2025 до 2027 година.
Во јули исто така беше постигнат исклучително висок удел на ЕВ, со 35 проценти од пазарот. Франција е меѓу земјите со најголеми субвенции за електрични автомобили во Европа. Домаќинствата што исполнуваат одредени услови, можат да добијат помош во висина од 7.700 евра при купување одреден модел.
Покрај тоа, веќе долго се применува и „социјален лизинг“, што на жителите со пониски примања им овозможува да поседуваат ЕВ за помалку од 200 евра месечно. За некои модели, ратата се спушта на 140 евра.
Програмата за социјален лизинг годинава покрива околу 50.000 возила и истата започна на 16-ти јули. Владата издвои 401 милиони евра. Со друга програма им се помага на вработените што секој ден минуваат долг пат до своето работно место.
Студијата што Џеј Ди Пауер ја објавија на 30-ти јули, посочи дека францускиот пазар на електрични автомобили има корист од владините субвенции, но исто така посочи на неизвесноста за 2027 година. „Без најави дали субвенциите ќе продолжат во 2027 година, можно е засилување на продажбата кон завршетокот на 2026 година,“ стои во студијата.
Целиот автомобилски пазар во Франција во август пораснал 7,4 проценти во споредба со лани, со вкупен раст од 3 проценти во првите осум месеци.
Податоците за останатите пазари што се вбројуваат меѓу најголемите во Европа – тоа се Германија, Обединетото Кралство, Италија и Шпанија – уште не се достапни, меѓутоа во јули, Германија постигна удел од 29 проценти во продажбата на ЕВ, ОК достигна 28 проценти, Италија 5,9 проценти и Шпанија 9,8 проценти.
На електричните автомобили отпаѓаат околу 25 проценти од продажбата во ЕУ, ОК и ЕГТА во јули. За август уште се чекаат податоци.
Норвешка, Данска и Финска со највисок удел на електрични автомобили
Единствено нордиските земји постигнуваат повисок удел на електрични автомобили отколку Франција. Во јули, норвешкиот пазар се состоел во 98 проценти од ЕВ, следи Данска со 80 проценти, па Финска со 53 проценти. Високо котира Холандија со 48 проценти, блиску се Шведска и Белгија со 43 проценти.
Најпродаван ЕВ во Франција била Тесла Модел Уај со околу 30.000 продажби од јануари до август, потоа следи Рено 5 со 27.000 возила, па уште еден Рено, Сеник со 18.000 возила, Пежо е-208 со 12.000 и Ситроен е-Ц3 со 11.000 возила. Модел Уај и Рено 5 се и меѓу 10-те најпродавани модели воопшто во Франција, Тесла на 5-то и Рено на шестото место.
Одлично стартуваше новата генерација на Рено Твинго, којашто се продава од јули и достигна 9.500 нови регистрации во јули и август, што ја става меѓу десетте најпродавани автомобили во Франција.














