Рејнџ Ровер почна да вози на струја, балансира меѓу технологија и наследство

Аналитичарите ценат дека Рејнџ Ровер Електрик, во којшто Џагјуар Ленд Ровер вложи многу, ќе ги убеди имотните купувачи, и покрај тоа што продажбата на електрични возила напредува побавно од очекувањата.

Во кругот на поранешната база на Кралското воено воздухопловство во централна Англија, со предизвикувачки теренски патеки, денес се наоѓа техничкиот центар и седиштето на Џагјуар Ленд Ровер. Инженерите го користат тој полигон при нагодувањето на погонските системи и подвозјето на моделите на Ленд Ровер.

Меѓу возилата што минаа многу километри и предизвици на тие терени, почнувајќи уште во 2021 година, спаѓа и Рејнц Ровер Електрик, којшто денес доживеа лансирање на светската сцена.

Тоа е прв модел на Рејнџ Ровер што не поседува бензински или дизел мотор под хаубата заоблена според сите закони на аеродинамиката.

Со цена од преку 150.000 фунти, Рејнџ Ровер Електрик е важна инвестиција за ЈЛР. Електричниот Ровер се очекува во салоните најдоцна до декември.

Рејнџ Ровер е врвот од понудата на компанијата, а носи и најголема заработка. Но, тој има уште една важна титула, а тоа е најпродавана луксузна моделска серија што се произведува во Британија.

На терен, Рејнџ Ровер Електрик го умее истото што и сите останати Рејнџ Ровери од 1970 година наваму, кога Ленд Ровер го создаде првиот луксузен СУВ во историјата. Рејнџ е едноставен за возење, а на патниците им нуди удобност во совршено климатизирана средина.

Џагјуар Ленд Ровер потроши милијарди за развој на приспособливата модуларна надолжна платформа, што се користи кај бензинските и електричните изведби на Рејнџ Ровер. Во трошоците спаѓаат електричен погон на сите тркала, со два електромотори, нова генерација батерии, 800-волтна мрежа и зафати во производствените погони во фабриката на Ленд Ровер во Солихал, исто како и во фабриката за погони на ЈЛР во Волверхемптон, што е оддалечена околу 30 милји.

Но, пазарот за електрични автомобили се смени откако ЈЛР кон завршетокот на 2023 година потврди дека Рејнџ Ровер доаѓа. Со исклучок на Тесла, скапите ЕВ им беа проблематични за продажба на повеќето производители.

Акура, БМВ, Џенезис, Ламборгини и Волво се само неколку производители што се откажаа од луксузни електрични модели.

Прво е Рејнџ Ровер, а потоа е електричен

Менаџерите на ЈЛР се убедени дека нивната стратегија при развојот на електричната изведба, а тоа е прво да се направи добар Рејнџ Ровер, па потоа да се гледа електричниот погон, ќе ја потисне недовербата што некои купувачи ја имаат кон поседувањето електричен автомобил.

„Рејнџ Ровер е совршен за електричен погон“, смета Мартин Лимперт, директор на марката Рејнџ Ровер.

„Тој го засилува и воздигнува тоа што го ценат и им значи на нашите клиенти, било да е тоа прекрасниот дизајн …. лесното возење, волшебното возење како на летечки килим, смиреноста во кабината, брзиот одговор на системот за контрола на погонот. Сé е воздигнато,“ изјави Лимперт пред новинарите, при јулското најавување на Рејнџ Ровер Електрик.

Предизвик за инженерите

Рајан Милер, директор за маркетинг за производи и услуги за Рејнџ Ровер, признава дека одвај 10 проценти од возачите на Рејнџ Ровер воопшто некогаш скршнале на терен со своите луксузни СУВ со шестцифрена вредност.

Тој сепак напоменува дека способноста да се влезе во река длабока 3 стапки, а тоа е речиси еден метар, и способноста за качување на нагорнина под агол до 45 степени, се неразделни од генот што мораше да се пренесе во електричниот модел.

Електричниот Рејнџ Еовер, со батерија од 118,5 киловатчасови, со 344 ќелии со форма на призма, спакувани двојно, способен е за тоа.

Во самото средиште на возилото, сместена е батеријата во подот, но во просторот над неа, се наоѓа сета енергетска електроника, што ја собира точно во просторот што кај бензинскиот Рејнџ Ровер му припаѓа на менувачот.

Тоа помага да се спушти тежиштето и оди во корист на возните својства, но се заштедува и простор.

Батеријата е двата електромотори се изработени во центарот за електричен погон на ЈЛР во Волверхемптон.

Електромоторите со моќност од 260 киловати користат полупроводници со силика-карбид, заради подобра ефикасност и перформанси. Заедничката моќност изнесува 550 КС, а врвот на вртежниот момент е 850 њутнметри.

Спринтот до 60 милји на час (96 км/ч) од 4,3 секунди е споредлив со моделот со Ве-8 мотор. Според светската норма, досегот изнесува 600 километри.

Технолошки центар

Џагјуар Ленд Ровер има пријавено преку 300 патенти за технологиите во Рејнџ Ровер Електрик. Меѓу нив е системот Терм Асист, со којшто досегот е продолжен за околу 40 километри и се смалува енергијата за греење на батеријата за 40 проценти.

Интелигентен систем управува со вртежниот момент што го произведува задниот електромотор во опсег од 0 до 100 проценти, за да се обезбеди врвна тракција. Системот ја менува брзината на електромоторот за само 50 милисекунди и реагира при пролизгување 100 пати побрзо од Ровер со бензински мотор.

Корисниците можат оддалеку да го наместат времето за полнење, температурата во кабината, да го проверат досегот и да го вклучат греењето на воланот.

Претходна објаваФранција со рекорден удел на електричните автомобили, со 38% од пазарот
Следна објаваКонкуренцијата на Киа Селтос во Топ 10 најдостапни СУВ-компакти

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here