Euro NCAP даде највисока оцена од пет ѕвезди на тестот на безбедноста на новата Ford Puma. Според резултатите што ги доби независната организација за тестирање на безбедноста на автомобилите, заштитата за возрасните патници исполнува 94 проценти од поставениот максимум. Заштитата за деца патници достигнува 84 проценти, додека заштитата на пешаците и велосипедистите изнесува 77 проценти. Во четвртата категорија на тестирање, во системите за асистенција, кросоверот во моделското семејство на Fiesta постигнува заштита од 74 проценти.
Препорака од конзорциумот заслужија и системите за асистенција што Ford ги нуди во новиот модел, меѓу кои приспособливиот темпомат со камера за знаци и системите за следење лента. Инженерската работа доби потврда и со тестот на страничен судир, кадешто Ford Puma доби максимални 16 бодови. При истото тестирање следеа и 12 бодови за вградувањето на детско седиште.
Ова е петти модел на Ford што годинава освојува највисока оцена од 5 ѕвезди за безбедносните квалитети. Претходно беа тестирани Ford Focus, Mondeo, Kuga и Explorer Plug-In-Hybrid. Сите модели се тестирани според новите и построги критериуми на Euro NCAP кои се применуваат од 2018 година. Моделите на Ford ги освојуваа петте ѕвезди и претходно: Fiesta во 2017, Ford Galaxy и Ford S-MAX во 2015 година.
Препознатлива појава на Ford Puma со високо поставените предни светла и страничната силуета како на купе
Новата Puma e кросовер со елементи на СУВ, долг 4,19 метри и висок 1,54 метар. Покрај дизајнот со впечатливо високо поставените светла напред, привлекува и благиот хибриден погон што се нуди како нова опција. Багажникот располага со рекордни 456 литри во класата, кој е изведен така што буквално може да се измие со црево, по превоз на специфична спортска опрема или слично. На тоа се надоврзуваат и квалитетите што се познати од Fiesta, особено динамичните возни својства.
https://photos.app.goo.gl/GcZ4ADN9jVnT86ie9
Спомнатиот благ хибриден погон е изведен во комбинација од 1,0-литарскиот EcoBoost, 48-волтна мрежа, стартер-генератор и мала батерија. Под ознаката EcoBoost Hybrid, оваа погонска изведба ќе биде достапна со моќност од 125 или 155 КС. Понудата ќе ја заокружи 1,0-литарски EcoBoost, без хибридна технологија, исто така со 125 КС. Подоцна ќе следи и 1,5-литарски дизел.
















