за

Ford Mustang Mach-E има проблеми со стабилноста на тестот на ADAC

Ретко се случува веќе со децении наназад, нови автомобили да имаат големи проблеми со безбедноста во возењето. ADAC јавува за опасно однесување на електричниот Ford Mustang Mach-E.

Инженерите за тестирање од клубот ADAC утврдија сериозни пропусти во безбедноста при возењето на новиот Ford Mustang Mach-E. На тестот на електричниот СУВ се покажа опасно однесување на возилото во граничното подрачје на стабилноста.

Бидејќи станува збор за опасен пропуст кај Ford Mustang Mach-E, што може да предизвика кобна незгода во возењето, производителот Ford се обврза итно да го преработи системот за контрола на стабилноста ESP. Новите произведени примероци на Mustang Mach-E во иднина ќе излегуваат од фабрика со систем за стабилност што работи правилно.

Возилата што веќе се испорачани ќе добијат нов софтвер, којшто ќе се вчита во возилата без потреба од посета на сервисна работилница, односно тоа ќе биде Over-the-Air-Update. Доктор Рајнхард Келке, раководител на центарот за техника на ADAC: „Брзата реакција од Ford е важен знак. Таа е доказ дека тестовите на ADAC се гледаат сериозно и дека истите се многу важни за клиентите.“

Проблемот со Ford Mustang Mach-E на тестот е во тоа што возилото е подложно на силно надуправување, односно опасно лизгање на опашот во свијок. Покрај тоа, многу доцни и вклучувањето на ESP. Тоа важи при возење и во нормален и во спортски режим. Инженерите на ADAC ценат дека тоа води кон зголемена опасност од незгода, затоа што возилото при пребрзо влегување во свијок или при избегнување ненадејна пречка или возило, може да излета од патот или да се судри во возилата што доаѓаат отспротива.

Ниту едно од конкурентските возила на Ford Mustang Mach-E не покажало толку опасни возни својства на тестовите на ADAC

Клубот ADAC објавува дел од кореспонденцијата со производителот Ford, којшто ветува: „калибрирањето на ESP во нормален режим … ќе биде преправено и ќе овозможува поголема контрола“. Понатаму се наведува и дека „сите возила што веќе се испорачани, ќе добијат апдејт во најбрзо можно време преку Over-the-Air-Update.“

Откако ќе биде ставено на располагање возило со преработен систем ESP (веројатно во почетокот на следната година), клубот ADAC ќе изврши повторен тест на Mustang Mach-E во присуство на претставници од Ford.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volkswagen подготвува голема лимузина на струја за 2026 година

Toyota пушта втора фабрика за Yaris