Ford ќе користи куќишта за светла и други делови од материјал што содржи остатоци при печење кафе. Станува збор за нов одржлив материјал што се изработува со малку енергија и воедно е полесен. Состојките ќе ги испорачува McDonald’s.
Ford и McDonald’s започнуваат единствена соработка во САД. Состојки од зрната кафе ќе се користат за изработка на делови за возила, на пример, куќишта за светла. Секоја година од печењето кафе произлегуваат големи количини лушпа од зрната. Производителот на автомобили и светскиот синџир за брза храна ќе го користат овој долговечен материјал, во знак на заштита на животната средина.
Под дејство на висока температура и во средина без присуство на кислород, овој материјал се меша со пластика и други додатоци, по што се претвора во пелети. Овие понатаму може да се обработуваат во најразлични форми. Новиот композитен материјал ги исполнува сите потребни стандарди за квалитет на делови за куќишта за светла, како и други делови.
Тежината на деловите од новиот материјал се полесни за 20 проценти, а за нивната изработка се троши 25% помалку енергија. Според тестирањата на Ford, „кафените“ делови имаат и подобри својства при дејство на топлина од класичните. Ова е првпат производителот на автомобили да користи лушпа од зрна кафе, за изработка на делови за возила.
Во оваа соработка се вклучени уште две компании во САД, Varroc Lighting Systems, производител на светла и Competitive Green Technologies, кој преработува остатоци од кафе.