за

Хибридната Ford Kuga мора назад во сервис

Ford уште има проблеми со хибридната изведба на Kuga. Сопствениците мораат повторно да псоетат сервис, затоа што лежиште на клипниците има фабричка грешка, а тоа може да доведе и до пожар.

ford kuga efikasnost 1
ford kuga efikasnost 1

Ford нема среќа со својата Kuga со хибриден погон. Возилата првпат имаа проблем уште во 2020 година. Дефектот во погонската батерија и делови од системот за регулација при полнење на батеријата, предизвикуваа опасност од пожар на возилото. Ford мораше да ја замени целата батерија. Сервисниот повик траеше и лани, а производителот потроши многу пари, затоа што меѓу другото ги одоброволуваше незадоволните клиенти со бонови за гориво.

Повторно сервисен повик за Ford Kuga со приклучен хибриден погон. Во сервис во исто време се повикуваат и сопствениците на Kuga со обичен хибрид, без приклучок за полнење. Проблемот овојпат е во моторот. Бензинецот од 2,5 литри има фабричка грешка во „летечкиот лагер“, односно во лежиштето на спојот на клипницата со коленастото вратило. Постои опасност лежиштето да се скрши и да предизвика оштетување на блокот на моторот или на картерот, што понатаму може да доведе до истекување на маслото и до создавање бензинска пареа.

Конструкцијата на заштитниот панел под моторот и на активниот систем за затворање на ламелите во маската за ладење е таква, што маслото или бензинската пареа, може во одредени услови да се собира во просторот под хаубата.

Лесно запаливите течности може да доспеат до жешките делови, на пример до издувот, а тоа значи и опасност од избувнување пожар под хаубата, топење на одредени делови или појава на чад. До производителот се пристигнати три поплаки од европски возачи, во коишто „пожарот под хаубата е предизвикан од дефект на моторот“. Ford го пишува тоа во писмото испратено до сопствениците на погодените возила. Засега нема издадено забрана за користење на возилата.

Дефектните Ford Kuga се произведени меѓу 2-ри август 2019 и 13-ти јуни 2022 година во фабриката во Валенсија, Шпанија.

Како решение ќе се дупчат дополнителни отвори за истекување во заштитата под моторот, за маслото или горивото да не се собираат. Покрај тоа, зафат ќе биде извршен и кај активните ламели во маската, заради подобрување на струењето на воздухот во возење и намалување на температурата во кошот за мотор.

Ова решение секако дека не им се допаѓа на сопствениците на Ford Kuga, кои што ценат дека на овој начин единствено се одложува настанувањето на критичниот проблем.

Истиот технички проблем беше причина за Ford во почетокот на јули да издаде сервисен повик за Ford Escape во САД. Во тие рамки беа повикани 100.689 сопственици на Escape, како што е името на Kuga за тамошниот пазар, но во сервис мораа да се упатат и сопствениците на пикапот Maverick и на моделот Corsair од премиум марката Lincoln.

Агенцијата за безбедност во сообраќајот во САД им препорачува на сопствениците да го запрат возилото и да изгаснат моторот, штом ќе слушнат невообичаени звуци од моторот, ќе забележат пад во моќноста или чад.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Феручо Ламборгини примен во Автомобилската Куќа на славните

Ландровери скокани по филмовите за Џејмс Бонд се нудат на наддавање