за

Трета генерација на Ford Kuga во салонот на Ми-Да Гранд Моторс

Ford Kuga е докажано име меѓу компактните СУВ-модели, тоа му дава слобода на производителот да воведе ново поглавје со третата генерација.

Трета генерација на Ford Kuga во салонот на Ми-Да Гранд Моторс

Штедливоста и комфорот се во преден план кај новата генерација на класичарот во европската понуда од СУВ-модели на Ford. Причината зошто новата Ford Kuga отстапува од надмоќната појава што досега важеше како стандард во сегментот, лежи под хаубата. Сите мотори ставаат нагласок на штедливоста, без притоа да се жртвува динамиката на Ford. Има сé, од благ хибрид, до приклучен хибрид.

Пристигањето на новите модели на автомобилските марки продолжува да се одвива според плановите, без разлика што корона-кризата силно го погоди производството на автомобили. Помина повеќе од половина година, откако браншата масовно ги запре производствените ленти, за потоа да продолжи според „новото нормално“. Ford се покажува отпорен на кризата, и по македонската премиера на Puma, како комплетно нов модел во понудата, сега веќе е ред на следната голема и важна премиера, на Ford Kuga.

Моделот што во досегашните генерации се вбројуваше меѓу најпродаваните во својот сегмент, особено на македонскиот пазар, од денес е изложен во салонот на Ford во Скопје. Тоа е веќе трета генерација на моделот што Ford првпат го понуди во 2008 година. Втората генерација имаше премиера во 2013 година, по четири години следеше моделско освежување со препознатливата хромирана СУВ-маска на Ford.

Каросеријата порасна за 9 сантиметри во должина, дури и во ширината има пет сантиметри екстра

Иако каросеријата изгледа компактно, споредбата со претходникот открива дека должината е зголемена за 9 сантиметри и сега изнесува 4,62 метри. Ширината исто така порасна за 4,5 сантиметри, додека висината се намали за 2,8 сантиметри. Порасна и меѓуоскиното растојание за 2 сантиметри. Со промените во геометријата на подвозјето се скуси крутот на вртење за 30 сантиметри (сега 11,4 метри), што ќе биде добредојдено при маневрирање во градското секојдневие. Багажникот се намали незначително, од 456 на 435 литри. Тоа се должи на многу поаеродинамичната форма на опашот – во корист на штедливоста.

Иако должината и ширината пораснаа, тежината на моделот со 1,5-литарски бензинец со 150 КС се намали од 1.630 на 1.564 килограми (-66 kg), но во исто време носивоста се зголеми за 41 килограми и изнесува 511 килограми.

https://www.instagram.com/p/CGh3vPlKpyX/

Колкав е вистинскиот напредок, покажуваат следниве вредности: Бучноста при возење е намалена од 70 на 66 dB (логаритамска скала, што значи дека звукот е намален неколкупати), а потрошувачката во град речиси е преполовена, од 8,9 l/100 km на 6,5 l/100 km, според старата норма NEDC. Крајниот резултат се 125 g CO2/km на новиот модел со 1,5-литарски EcoBoost, во споредба со 158 g CO2/km на претходникот. Мерено според новата и реална норма WLTP, просечната потрошувачка на новиот модел изнесува 6,6 литри, наспроти 8,0 литри на претходникот со основниот бензинец. Перформансите се идентични (9,7 s до темпо сто и 195 km/h, за 1.5 EcoBoost).

Крупни новини има во понудата од мотори. Таа почнува со 1,5-литарски EcoBoost, кој моментно на нашиот пазар е достапен во верзијата со 150 КС. Причината зошто верзијата со 120 КС отсуствува во понудата е тоа што Kuga во оваа фаза од комерцијализацијата кај нас стартува со високото ниво на опрема Titanium. Цената на моделот со 1,5-литарски EcoBoost со 150 КС, мануелен менувач со шест степени, погон напред и ниво на опрема Titanium, изнесува 32.000 евра. Од Ми-Да најавуваат дека наскоро ќе ги објават и акциските цени за почетокот од продажбата на новиот модел. Истиот мотор е достапен и во спортското ниво ST-Line, со цена од 33.500 евра.

Три варијанти на хибриден погон: Самополнечки, приклучен и благ хибрид

Клучната новина е моделот со приклучен хибриден погон, со 2,5-литарски бензинец и системски 225 КС. Оваа погонска варијанта почнува од 44.300 евра со ниво Titanium и погон напред. Ford нуди и класичен хибрид, со истиот мотор, но без можност за надворешно полнење на батеријата, со 190 КС и со цена од 38.900 евра во варијанта со преден погон, односно 42.900 евра со погон на сите тркала. Менувачот во сите хибридни варијанти е безстепен CVT.

Кај дизелите исто има новини. Покрај 1,5-литарецот со 120 КС и цена од 31.000 евра, се нуди и дволитарец со 190 КС, со цена од 43.000 евра, кој стандардно доаѓа со погон на сите тркала и со 8-степен автоматик. Средината од дизел понудата припаѓа на верзијата од 2.0 TDCi што носи дополнителна ознака mHEV и постигнува 150 КС. Тука станува збор за благ хибриден погон, односно за 48-волтен стартер-генератор, што кусо работи како електромотор при поаѓање и забрзување, помагајќи да се постигне пристојна заштеда во горивото при возење во град. Цената за оваа варијанта е 33.300 евра.

Супериорно ниво на опременост во Titanium

Покрај нивото Titanium, што моментно се нуди како почетно ниво на опрема, достапни се уште нивоата ST-Line и луксузното Vignale. Вообичаено за Titanium, сериската опременост импресионира. Секоја Kuga излегува од фабрика со алу-тркала од 17 инчи, двозонска автоматска клима, пристап и старт без клуч, безжично полнење телефон, амбиентално осветлување, навигација и дисплеј од 8 инчи, говорни команди Sync 3, дигитални инструменти од 12,3 инчи, диодни предни и задни светла, собирање на ретровизори, двоен издув, хромирани лајсни, електрична паркирна сопирачка, програми за возење (нормална, еко, спортска, лизгав пат, снег и песок).

Во нивото ST-Line дополнително се вградуваат тркала од 18 инчи, спортски дизајн на преден и заден браник и на прагови, автоматско долго светло, овални издувни цевки, алу-педали, црн таван, спортско подвозје и спортски волан Sensico. Нивото Vignale веќе спаѓа во посебна категорија, во стилот на легендарните Ghia-модели. Топ-моделот во ценовникот на Ford Kuga чини 50.500 евра, со дволитарски дизел со 190 КС.

Од дополнителна опрема, вообичаено за Ford може да се заштеди со однапред подготвени пакети на опрема. Titanium X стои на распоалгање како надградба за Titanium и во цената од 3.800 евра содржи премиум озвучување Bang & Olufsen, диодни долги светла, затемнети стакла, предни диодни магленки, премиум облоги Sensico на седиштата и електрика за возачкото седиште, како и сензорско и електрично отворање на задниот поклопец.

Металик лак чини 850 евра, алу-тркала од 18 инчи со гуми 225/60 се достапни за 1.250 евра, зимски пакет чини 1.050 евра.

https://www.instagram.com/p/CGh5qqFKIt_/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Проверка на возилото пред да стане вистински студено

Проверка на возилото пред да стане вистински студено

daimler деловно работење концерн q3

За концернот Daimler веќе не постои корона-криза во работењето