за

Малечко и електрично, со големо име: Fiat Topolino

Електричното возило што спаѓа во категоријата на тешки четирицикли е близок сродник со Citroen Ami и со Opel Rocks-e.

fiat topolino premiera
Fiat Topolino Dolcevita поседува платнен покрив, отстранливи врати, а како опција може да се добие и туш, за миење по ден поминат на плажа.

Уште едно проширување на понудата од малечки четирицикли на концернот Stellantis, но многу важно. Прв беше Citroen Ami, по него следеше Opel Rocks-e, трет се придружува Fiat Topolino.

Денешното соопштение од Fiat е придружено само со една фотографија од новиот модел, без какви било технички податоци или информација за цената. Италијанците знаат дека тоа нема да смени ништо. Светот доби нов Fiat Topolino и тоа е големата вест.

Како возило што спаѓа во категоријата L7e, Fiat Topolino е близок сродник со Citroen Ami и со Opel Rocks-e. Тоа се возила со четири тркала, со тежина што не надминува 450 килограми, со носивост до 200 килограми и моќност до 15 киловати или 21 КС.

Citroen Ami беше претставен во 2020 година, една година подоцна следеше и Opel Rocks-e. Веќе подолго време беше сосем извесно дека Fiat ќе се придружи на триото, а сега се потврди и дека гласините за името Topolino биле точни.

Фотографијата прикажува четирицикл со платнен покрив што се намотува во старински стил и се обезбедува со ремен, а тоа што исто така не останува незабележано е отсуството на врати. За разлика од Citroen My Ami Buggy, којшто исто така нема покрив и врати, и стартува со продажба на 20-ти јуни, кај Topolino не се забележуваат елементи на „теренец“.

Стилизираниот сребрен браник, тркалезните трепкачи и светлата со прстен околу нив, верно го цитираат оригиналниот автомобил на кого што му припаѓа големо поглавје во историјата.

Topolino е италијански збор за мал глушец и воедно е името што во Италија се користи за еден од најпознатите ликови од цртаните филмови на Волт Дизни, за Мики Маус. Topolino беше и прекарот што го стекна оригиналниот Fiat 500, претставен во 1936 година. Тој има голема заслуга на автомобилската сцена, затоа што направи мобилноста да биде достапна за најширок круг купувачи.

Fiat 500 Topolino 02 by-dpc.jpg
(By <a href=”//commons.wikimedia.org/wiki/User:David_Perez” title=”User:David Perez”>David Perez</a> – <span class=”int-own-work” lang=”en”>Own work</span>, CC BY 4.0, Link )

Торино не ги објави цените за Fiat Topolino. Цената на основната изведба на Citroen Ami во Италија изнесува 6.326 евра. Специјалната изведба My Ami Buggy стартува од 7.910 евра.

Техничките податоци исто така не се објавени, но не би требало да постојат поголеми разлики со Citroen Ami. Француското првенче е долго 2,41 метри, широко 1,39 метар и високо 1,52 метар. Батеријата од 5,5 киловатчасови снабдува електромотор од 6 kW. Досегот изнесува 70 километри.

Крајната брзина за оваа категорија возила е ограничена на 45 km/h. Во неколку држави во ЕУ, овие возила може да се управуваат веќе од 14-годишна возраст, со дозвола за мотоцикл.

Topolino ќе се произведува заедно со Ami и Rocks-e во фабриката на Stellantis во Кенитра, Мароко.

Stellantis најави во 2022 година дека не вложи 300 милиони евра, за да се удвои производствениот капацитет на Кенитра, од 200.000 возила на 400.000 возила годишно. Во фабриката се произведува и Peugeot 208, наменет за тамошните пазари.

Лани од четирициклите на Citroen и Opel беа произведени 20.000 примероци. Со приклучувањето на Fiat Topolino, продукцијата ќе се зголеми на 35 до 40 илјади возила.

Малечко, но со големо влијание: Специјална серија од Citroen Мy Ami Buggy

Уште еден Fiat…

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Great Wall разгледува локации за фабрика во Германија

Публиката ја избра камуфлажата за новиот Peugeot 3008