за

Фиат Типо е класична инвестиција без главоболки

Колку некој автомобил е помалку разумен и корисен, толку е поскап. По тоа правило, за Фиат Типо се плаќа најразумно, тоа е класична инвестиција.

При купувањето автомобил, мал процент гледа на тоа како на инвестиција, вложување. Во време кога светот двапати ја превртува секоја паричка, се враќаат класичните вредности. Секако дека тоа важи и кај автомобилите. Фиат Типо некако победоносно тронува во салонот на италијанската марка.

Автомобилскиот свет ја стартува петтата година во вонредни услови. Прво ковид ги затвори фабриките и недостигаа автомобили, па откако пандемијата попушти, во тој нов неред не останаа микрочипови за автомобилските фабрики. За да не паднат во загуба, затоа што не можеше да се произведе планираната количина возила – и истата да се продаде и наплати – концерните ги вградуваа тие малку чипови само во најскапите модели. Автомобил по достапна цена беше мислена именка. Потоа почна Украина, по неколку години државните буџети по Унијата се истрошија на туѓи војни, па се скусија и субвенциите за електрични автомобили.

Тоа се случуваше во изминатите неполни пет години, во најкуса можна форма. Светот се преврте, само за пак да се најде на почетокот. Каматите за отплата на кредитите, главно по светот, се пораснати, луѓето не се многу сигурни кога треба да се потрошат многу пари, а тоа значи само едно – на светот, што би значело Европа, повторно му требаат нормални, достапни, пристојни автомобили.

Овој долг вовед објаснува, зошто кога деновиве ќе се влезе во салон на Фиат и ќе се погледне како Типо Седан тронува насреде, човек во оваа лимузина гледа победничка. Не само што цената на лимузинската изведба, што сепак е главната изведба кога се работи за изборот на македонските купувачи, почнува со единица, туку почнува подолу и од неколку градски автомобили.

Компакт лимузина од Фиат, по цена на градски автомобил. Во Македонија имаме и дополнително продолжение на приказната околу лимузините на торинската марка. „Ин пју“ би рекле во Италија. Типо продолжува една славна низа. Наназад по ред:

Пред денешниот Типо беше …

…Фиат Браво, втора генерација (2007-2014)…
…Фиат Стило (2001-2007)…
…Фиат Браво/Брава (1995-2001)…
…Фиат Типо, прва генерација (1998-1995)…
…Фиат Ритмо (1978-1988)…
…Фиат 128 (1969-1985) …

Сите генерации на лимузини од Фиат од компакт класата имале одлична прифатеност и продажба, како во Македонија, така и пошироко во регионот. Затоа, Типо не е едикојси автомобил што само чини помалку од другите, туку е модел со историја и место на овие простори.

Без електрификација на погонот, менувачи со двојна спојка, дисплеи големи колку мониторите на првите домашни компјутери, Типо Седан ги застапува класичните автомобилски вредности: Просторност, функционалност, практичност, багажник и пол, задоволителна изработка, добра опременост што прави и противвредноста да одговара, па на крајот, иако тоа не е неважно, сето тоа е спакувано во италијански стил.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Примерокот во салон од видеото за инстаграм-профилот на Аутомедиа е со 1,3-литарски дизел со 95 КС и мануелен менувач со 5 степени. Аутомобиле СК прави понудата од модели да биде најпрегледна, на наменскиот вебсајт Карстор, каде што се прикажани сите возила што увозникот ги има на лагер во моментов – народски „пали вози“.

Најдостапната изведба со спомнатиот дизел чини 16.900 евра, клима и комфорна електрика во кабината се подразбираат одамна, има и половина дузина ставки од дополнителната опрема, меѓу нив паркинг сензори, темпомат и потпирач за раце напред.

Најопремената изведба во моменталниот лагер чини 19.040 евра, што е илјада евра под редовната цена. Разликата ја прават луксузните ставки во опремата, меѓу кои автоматика за клима уредот, задна камера, поврзување со телефон, магленки, тркала од лесен метал, диодни светла напред и назад.

FIAT Tipo Sedan Entry 1.3 Mjet 95

Фиат прави изборот да биде многу едноставен. Нема двоумење дали СУВ или кросовер, дали благ хибрид или полн хибрид, дигитални инструменти, апдејт на автомобилот исто како кај мобилниот… токму класични вредности. Тоа го ценат купувачите, посебно во овие времиња.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Тата ќе произведува Јагуар и Ланд Ровер во нова фабрика од милијарда долари во Индија

Сите Сајбертракови на Маск мора да се вратат во сервис