за

Тата ќе произведува Јагуар и Ланд Ровер во нова фабрика од милијарда долари во Индија

Продажбата на моделите на Јагуар Ланд Ровер во Индија во минатата година порасна за 81 проценти.

Тата Моторс ќе произведува автомобили од марките на Јагуар Ланд Ровер во фабрика вредна 1 милијарда долари, што е планирано да се гради во јужната провинција Тамил Наду. Тоа го јавуваат два извори што непосредно се запознаени со одвивањето на плановите.

Со овој чекор, автомобили од марките на ЈЛР првпат ќе се произведуваат целосно во фабрика во Индија.

Автомобилите ќе се продаваат на домашниот пазар, но се планира и извоз, според едниот од изворите, коишто не сакаат да биде објавено нивното име, затоа што разговорите се приватни.

Тата го купи ЈЛР во 2008 година и досега нема излезено со службен став околу тоа што го оцени како шпекулација. Плановите за фабриката во Тамил Наду беа објавени во март, но не беше објавено кои модели ќе се произведуваат таму и колкав ќе биде производствениот капацитет на фабриката.

Јагуар Ланд Ровер има три фабрики во Британија, а произведува и во Словачка, Кина и Бразил.

Во Индија, каде што се продаваат модели од ранг на Рејнџ Ровер Евок, Дискавери Спорт и Јагуар Ф-Пејс, продажбата се одвива во умерен обем.

Моделите што се продаваат во Индија се извезуваат од Британија, како целосно доработени возила или во делови, од коишто потоа се врши монатажа во фабриката што се наоѓа во близина на градот Пун.

ЈЛР учествува со две третини во прометот на Тата Моторс и во финансиската година што заврши во март, индиската компанија првпат објави добивка во последните пет години. За тоа најмногу придонесе растечката побарувачка за Рејнџ Ровер Спорт и за моделите на Јагуар.

Британската марка во последната финансиска година ја зголеми продажбата во светски рамки за 22 проценти, на близу 432.000 возила.

Во Индија, марките на ЈЛР продадоа 4.436 возила, што е за дури 81 проценти над продажбата од минатата година и произлегува од зголемената побарувачка за луксузни стоки на потконтинентот.

Досега не е соопштено кои модели на ЈЛР ќе се произведуваат во новата фабрика.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинеската конкуренција ги притисна европските марки да се вратат на салонот во Париз

Фиат Типо е класична инвестиција без главоболки