за

Кинеската конкуренција ги притисна европските марки да се вратат на салонот во Париз

Рено, БМВ и Стелантис со своите марки ќе го предводат некогаш големиот салон на автомобили во Париз, додека кинеските марки овојпат ќе пододморат од важниот автомобилски настан што се одржува во октомври.

Пежо е меѓу марките што се на домашен терен на салонот во Париз

Откако на последните неколку големи салони на автомобили го делеа сјајот под рефлекторите со кинеските марки, европските производители на автомобили повторно ќе се најдат на централната бина на салонот на автомобили во Париз во октомври. Светски важниот настан за автомобилската сцена ќе биде во знакот на концерните Рено, БМВ и Стелантис со нивните марки.

Уште во средината на април е потврдено дека 10 марки ќе учествуваат на салонот, којшто ќе се одржи од 14-ти до 20-ти октомври во Париз Експо Центар. Меѓу нив се трите марки на Рено Груп – матичната Рено, Дачиа и Алпин, потоа трите француски марки на Стелантис – Ситроен, ДС и Пежо. Учеството на Стелантис е потврдено од луѓе што учествувале во донесувањето на одлуката за салонот.

Групацијата БМВ со своите марки БМВ и Мини, ќе биде во Париз, исто како и Киа, објавија производителите.

Единствената кинеска марка што досега го има потврдено присуството е Серес.

Учеството на БМВ и Киа на салонот во Париз, откако се откажаа во 2022 година, упатува кон заклучокот дека европските производители на автомобили стануваат сé повеќе загрижени околу присуството на кинеските марки во Европа.

БМВ и ривалот Мерцедес-Бенц, заедно со Фолксваген Груп и нивниот Ауди, го пропуштија салонот во Женева во февруари, исто како и Стелантис. Поради тоа, Рено и Дачиа останаа како единствени поголеми производители од Европа, што изложуваа на салонот. Покрај нив, БИД и МГ имаа штандови на коишто беа прикажани неколку нови и идни модели, наменети за Европа.

БМВ Вижн Ное Класе Икс

Меѓу марките што сигурно нема да се појават на салонот во Париз се Мерцедес-Бенц, шпанските марки на ФВ – Купра и Сеат, понатаму Форд, Хјундаи, Џип, Миџубиши, Нисан, Сузуки, но и марките на Џили – Волво, Полстар и Зикр.

Неколку производители уште се неодлучни или уште немаат одговорено на прашањата од медиумите, околу нивниот избор дали да учествуваат на Париз Ауто Шоу. Тоа ги вклучува останатите марки на концернот Фолксваген, потоа Тојота, и нефранцуските марки на Стелантис – Алфа Ромео, Фиат, Ланчиа.

Забележливо е отсуството на главните кинески марки што имаат цел да зафатат колку е можно поголемо парче од европскиот колач: МГ, БИД, Чери и Грејт Вол, заедно со нивните подмарки.

На последниот салон во Париз, во 2022 година, БИД – познат и како соперник на Тесла во борбата за најголем производител на електрични автомобили во светот – имаше огромен штанд со бројни модели. Истото се потвори на салонот ИАА Мобилност во Минхен, лани во септември, и пак во Женева, во февруари. МГ, најпродаваната кинеска марка во Европа, исто така присуствуваше на трите настани.

Меѓу останатите кинески марки што го прескокнуваат салонот во Париз се Липмотор, коишто имаат ново партнерство со Стелантис, како и Експенг, коишто објавија здружување со Фолксваген. Тука спаѓаат уште Ејвејс и Нио.

Рено Симбиоз

Кинеските марки се соочуваат со тешка политичка сцена во Европа, во време кога институциите на ЕУ водат истрага дали Пекинг недозволиво им помагал финансиски на кинеските производители и со тоа им обезбедил предност за нивните автомобили на извозните пазари. Резулатите од таа истрага, што отпочна лани во септември и може да доведе до воведување казнени царини за возилата што се произведени во Кина, се очекуваат наесен.

Франција веќе одговори со мерки и ги повлече субвенциите за електричните автомобили што се произведени во Кина, меѓу коишто патем спаѓа и Дачиа Спринг, модел на групацијата Рено.

Производителите уште ги немаат најавено големите премиери, но се очекува дека неколку модели од француските марки ќе го имаат своето прво појавување пред светот од салонот во Париз. Дел од нив веќе се познати, како спортскиот електричен Алпин А290, малечкиот СУВ на струја Рено 4Евер и компактниот СУВ-модел Симбиоз, компактниот СУВ-модел Дачиа Бигстер, и моделот чијшто фотографии во четвртокот беа објавени првпат, Ситроен Ц3 Еркрос.

БМВ веројатно ќе прикаже сериска изведба од својата студија на СУВ-модел со електричен погон Вижн Ное Класе Икс. Салонот ќе биде одлична можност за БМВ да ја прикаже „својата силна понуда од модели што е насочена кон иднината и помага од ново да се одредат контурите на денешните и идните автомобили,“ стои во објавата на БМВ за нивниот настап во Париз.

Dacia Bigster
Дачиа Бигстер

Традиционалните салони на автомобили во последните години го изгубија некогаш големото влијание, поради тоа што производителите се обидуваат новинарските објави повеќе да ги насочат кон друштвените мрежи и организираат засебни настани за своите марки и модели.

Претставник од Мерцедес кажува дека марката „постојано ги испитува нашите индивидуални платформи за комуницирање“, вклучувајќи и „наше присуство на меѓународни авто салони“.

„Важно ни е да имаме интелигентно портфолио од традиционални и нови плаформи,“ порачуваат од Штутгарт и „поради тоа, Мерцедес нема да учествува на Париз Ауто Шоу 2024.“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Џили јавува за 800.000 продадени примероци од Кулреј

Тата ќе произведува Јагуар и Ланд Ровер во нова фабрика од милијарда долари во Индија