за

Јонизатор, е-тротинет, хромирани лајсни: Што нуди Fiat како прибор за Nuova 500

Дизајнот и стилот се меѓу главните одлики на италијанските автомобили. Тоа може да биде нагласено уште повеќе, Fiat и на приборот и на додатоците им додава екстра стил.

Fiat 500 е една од вечните ѕвезди на автомобилската сцена. Во јуни, италијанското автомобилче за секого и за секаде беше четврти најпродаван модел во Европа. Не е проблем ниту електрификацијата, затоа што Торино уште одамна го понуди Nuova 500, односно 500е. Еден летно брзински преглед на приборот и додатоците за моделот.

Јонизатор на воздухот во кабината на автомобилот. Тоа е вистинскиот луксуз, што обично е достапен во Lexus или во S-Class. Но, во тој луксуз можат да уживаат и возачките и возачите на Fiat 500e, односно Fiat Nuova 500 на некои пазари. Торино уште пред многу години го понуди јонизаторот како прибор и пријатно изненадување е тоа што оваа несомнено корисна и здрава ставка од приборот остана во понуда. Станува збор за мала туба што се сместува во држачот за чаша во средишната конзола, со ефектно осветлен прстен озгора. Функцијата е позната, главното е да се отстранат најситните честички нечистотија во воздухот. Тубата е преносна и може да се понесе со себе во домот, во канцеларија, каде било.

Менаџерите очигледно препознале дека на возачите на електричен автомобил им е посебно важно, воздухот да им биде чист и мирисен. Покрај јонизаторот, во понудата од прибор на Fiat има и ставка што се води како хигиенски пакет D-Fence. Со овој пакет се постигнува, преку самата вентилација на кабината да се пречистуваат над 95% од алергените и честичките PM од надворешниот воздух. Во состав на пакетот влегува и пречистувач на воздухот, како и UV-C чистач, што помага да се одржува хигиената на површините.

Секако дека можностите за посебно стилизирање се тоа што клиентите прво го очекуваат во ставките од приборот и додатоците. Одличен пример е пакетот Brass, со којшто капите на ретровизорите, предното и задното лого, клучот, добиваат површински изглед на месинг. Оваа стара легура од цинк и бакар му дава историски печат на Fiat 500. Во пакет доаѓаат и налепници во истиот стил, вклучувајќи и облога за покривот.

Каде што има Brass, мора да има и Chrome. Тоа е вториот пакет со иста содржина како претходниот, со таа разлика што се добива површина со изглед на хром. Бидејќи хромот повеќе се поврзува со престиж, пакетот содржи и хромирана лајсна за хаубата, странични хромирани лајсни, па и тркала од 16 инчи со хром-финиш.

Третата варијанта на овој стилски пакет се води како Iconic. Екстра ставки во овој пакет што внесува мат сива боја во Fiat 500 се ексклузивните налепници за покривот, задниот поклопец и страничните прагови. Тркала со мат-сив финиш од 16 или 17 инчи го заокружуваат овој пакет што става спортски нагласок.

Покривот може и целосно да биде испишан со името Fiat, а секако дека не смее да изостане варијанта со надолжна лента во италијанскиот триколор. Стилот зафаќа и во патосниците. Тие се нудат во премиум-изведба, изработени од Econyl, техно-материјал што се добива преку рециклирање.

Вистински стил е кога Fiat Nuova 500 ќе се паркира каде што е место за паркирање и од багажникот ќе се извлече електричен скутер, за достоинствено да се продолжи патот до одредиштето. Тротинетот се води како 500 Iride, носи дизајн на Nuova 500, има тркала од 19 инчи и со полна батерија обезбедува превоз до 30 километри, со брзина до 25 km/h. Полнењето трае 4,5 часови. Цената во Италија изнесува околу 700 евра.

Што сé има Fiat во својата понуда од прибор и додатоци, од програмата на специјалното одделение Mopar, може да се погледне на италијанската вебстраница https://www.fiat.it/mopar , а секако дека за сите информации се најупатени во Аутомобиле СК.

Денес е на струја: Погоните се менуваат, Fiat 500 останува

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Чешка го одржа 12-от Ден на емоции на Peugeot

Што има Brabus за тјунирање во електричен Mercedes EQS