Расипана пумпа за вода предизвикала прегорување на заптивката на главата на моторот во Тојота Приус. Моторот уништен. Свеќичка за палење се стопила и пропаднала во цилиндарот, уништувајќи го моторот на Тојота Ланд Крузер. Алтернатор во Тојота Камри откажал по една година.
Колку и да се чини дека овие случаи се неповрзани, постои заедничка нишка. Сите дефектни делови биле нарачани онлајн и биле наплатени како оригинални делови на Тојота. Тие дури и изгледаат како оригиналот. Меѓутоа сите делови биле фалсификувани, вели Ахмед Ибрахим, сопственик на сервисната работилница Д Кар Кер Нат Аутомотив во преградието на Чикаго.
Ибрахим толку често наидувал на фалсификувани делови во изминативе две години, што почнал да бара клиентите да потпишат ослободување од одговорност, доколку тие бараат да се вградат делови што ги купиле онлајн. На тој начин, сервисерот се ослободува од каква било одговорност во случај на дефект. Во август, овој овластен дијагностичар од Тојота, направил чекор подалеку и повеќе не вградува делови што клиентите ги нарачале онлајн.
„Се прашав, ‘Зошто го правиме ова?’ “ изјави тој за Аутомотив Њуз. „Повеќето од нашите клиенти купуваат делови од нас, па зошто да ја ставаме нашата репутација на табла, заради толку мал процент од клиентите?“
„Дури и ако клиентите инсистираат, јас не отстапувам од моето не,“ вели Ибрахим. „Сакаме да бидеме во состојба на клиентите да им дадеме полна гаранција, без отстапки.“
Дејвид Блекбрн, директор на сервисите за пет дилерства на Скот Кларк Ауто Груп во Северна Каролина, вели дека пред четири или пет години вовел иста тактика.
Видео од Советот за заштита од фалсификувани делови https://www.a2c2.com/videos
„Фалсификуваните делови станаа голем проблем, посебно со клучевите,“ вели тој. „Трошевме многу време обидувајќи се да програмираме клучеви што не можеа да се програмираат, и потоа нам ни се припишуваше вината, место на тој што ги продава.“
„Оттогаш фалсификуваните делови повеќе не се наш проблем.“
Флсификуваните делови станаа голем проблем, посебно по пандемијата.
Фалсификуваните делови за автомобили се горлив проблем во цела САД. Пандемијата одиграла голема улога, бидејќи милиони клиенти под принудата да седат дома, почнале повеќе да купуваат онлајн. Тоа им го олеснува бизнисот на фалсификувачите, кажува Боб Стјуарт, претседател на автомобилскиот Совет за заштита од фалсификување. Советот е непрофитно здружение на дузина производители на автомобили од Северна Америка, што се борат да ја разбудат свеста и постапуваат против фалсификувањето делови.
Растечките цени на резервните делови исто така ги принудија купувачите да бараат поевтини делови онлајн, коишто обично се фалсификати, вели Стјуарт, кој е воедно и директор за сервисна поддршка и заштита на марката во Џенерал Моторс.
Колку навистина е сериозен проблемот? Годинава, Министерството за сообраќај на САД издаде предупредување, да се внимава на растечката опасност од фалскфикувани делови за автомобили, посебно за деловите од коишто зависи животот, како воздушни перници, сензори за системи за асистенција и сопирачки облоги.
Во фискалната година 2024, што заврши на 30-ти септември, Царината на САД и бројни агенции, заплениле преку 211.000 фалсификувани автомобилски делови.
Тоа е речиси двојно повеќе од заплените во 2023 година.
Масовно се увезуваат фалсификувани автомобилски делови
Но, тоа е само врвот на сантата мраз, имајќи предвид дека во 2024 година, САД увезла делови вредни 197 милијарди долари.
„Вистинскиот број на фалсификувани делови е далеку над 211.000“, цени Стјуарт.
Владини организации проценуваат дека во САД секоја година влегуваат фалсификувани автомобилски делови во вкупна вредност од преку 3 милијарди долари. Тоа е грабеж на домашните производители на автомобили и делови, укажува тој.
„Царината може да провери само мал дел од производите што влегуваат,“ псоочува Стјуарт. „Значајна промена е тоа што се работи за мали пратки со фалсификувани делови, место за цели контејнери“.
„Тоа многу го отежнува откривањето – нема доволно човечки ресурси да го проверат сето тоа,“ кажува експертот.
Покрај тоа, фалсификувачите сега работат со сé помали делови, како свеќички за палење и сензори, вели Стјуарт.
„Веруваме дека тој тренд е поврзан со цената за транспорт на деловите,“ додава тој.
Неквалитетните делови може да предизвикаат фатални последици
Опасноста од фалсификуваните делови е многу поголема отколку проблемот да се програмира клучот, или ослабнати перформанси и скапи поправки. Тие може да предизвикаат тешки повреди, па дури и смрт, вели Стјуарт.
Во 2023 и 2024 година, Агенцијата за безбедност во сообраќајот открила седум случаи на повреди, поради фалсификувани воздушни перници, од кои пет имале кобен исход. Во тие случаи, фалсификуваните воздушни перници биле вградени во независни сервисни работилници, откако фабрички вградените воздушни перници во претходен судир ја обавиле својата животоспасувачка функција.
„Во изминатите две години, се посветуваме на најголемата опасност – активни системи за безбедност, како предзатегнувачи за ремен, безбедносни ремени и воздушни перници“, објаснува Стјуарт.
Опасноста со фалсификуваните воздушни перници е немањето сигурност, дали тие ќе се активираат во случај на судир, или ќе се активираат погрешно. Постојат случаи кога инфлаторот на воздушната перница експлодира и од тоа се распрскуваат шрапнели, предупредува Стјуарт.
„Исто е како да имате [импровизирана експлозивна направа] во управувачкиот столб,“ кажува тој.
Сервисерите исто така се во опасност од несакано отворање на воздушните перници додека тие работат врз возилото.
Експертите предпорачуваат купувачите да побараат сервисна историја, пред да купат користен автомобил. Доколку воздушната перница била активирана, замената треба да се провери од овластен механичар или сервисна работилница, за да се обезбеди дека таа функционира.
Сé потешко е да се препознаат фалсификатите, затоа што изгледаат сé поверодостојно
Проблемот со фалсификуваните делови е сé посериозен, поради тоа што фалсификувачите се сé подобри во копирањето на изгледот на оригиналот. Во бројни случаи е тешко да се препознае, оценува Стјуарт.
Фалсификаторите денес користат вештачка интелигенција или скапи 3-Д скенери за да ги копираат деловите. Тие дури можат и да си дозволат да ги купат истите машини и опрема, како вистинските производители, кажува Рој Ганзарски, извршен директор на Алајтон.
Компанијата има развиено софтвер на база на ВИ, што проверува дали некој дел е оригинален по пат на „дигитални отисоци“. Компанијата користи технологија со којашто секој производ го поврзува со негов дигитален отпечаток – односно тоа е некое површинско обележје што е својствено за тој дел – и истиот е поврзан со дигитална фотографија. Така се постигнува верно препознавање, без да се користат бар кодови или етикети, коишто се лесни за фалсификување.
„Дури и самите производители некогаш не можат да разликуваат, додека не навлезат посериозно во производот, без разлика дали тоа е облога за сопирачки, часовник или лек“, кажа Ганзарски при негово гостување на масовно гледан подкаст.
Постојат сомнежи, кога цената е далеку пониска. Некогаш може да издаде и јазикот на пакувањето, се присетува Ибрахим, со 22-годишно искуство во сервисирањето.
Тој еднаш нарачал пет електромотори за сервоуправување за Лексус, од производител во Јапонија, откако не успеал деловите да ги набави од редовниот снабдувач.
Четири електромотори биле во ред, но кога побарал превод преку Гутл Транслејт на пишувањето на петтото пакување, којшто изгледал различно, се покажало дека тоа е фалсификат од Кина.















