за

Европа купува повеќе електрични отколку дизел автомобили

Пораката не може да биде појасна. Електричниот погон е реалност во Европа, пазарот се менува бурно како никогаш досега.

Во август се продадени 18 проценти помалку автомобили отколку во истиот месец лани. Тоа во најголем дел се должи на чип-кризата по корона-кризата, но главната вест е друга. Во Европа првпат се продале повеќе електрични, отколку дизел автомобили.

Некогашниот херој на европскиот автомобилски пазар, дизел моторот, веќе сигурно исчезнува не само од пазарната трка, туку исчезнува и воопшто од сцената. Во продажбата на електричните возила се бројат и приклучните автомобили, меѓутоа и нивната продажба постепено се заменува со чисто електрични автомобили.

Најпродаван модел е Dacia Sandero, а тоа има директно врска со чип-кризата. Романскиот автомобил користи помалку електроника и чипови од кој било друг автомобил што бележи повпечатлива продажба. Тоа е уште еден триумф на буџет-марката на Renault, во време кога браншата масовно се соочува со недостиг од чипови. Наспроти тоа, евро-бестселерот Golf е преплавен со најсовремена електроника, а соодветно на тоа има и голема потреба од полупроводници. Затоа, „само“ второ место за носечкиот столб на Volkswagen.

Статистиката на Jato Dynamics се однесува на 26 најголеми пазари во ЕУ. Во август се продадени 713.714 автомобили, што е 18 проценти помалку во споредба со ланскиот август. Тоа е најслаба продажба за овој месец по 2014 година. Производителите сепак можат да бидат задоволни од досегашниот тренд годинава, затоа што во првите осум месеци од годината, вкупната продажба на автомобили е зголемена на 8.095.419 возила, во споредба со 7.192.839 возила во истиот период лани.

Главниот аналитичар на Jato Dynamics, Фелипе Муњоз, објаснува: „Недостигот од чипови предизвика голем удар врз добавувачите, што уште се соочуваат со последиците од пандемијата. Проблемите во производството и доцнењето со испораката на нови автомобили се одразија врз продажбата. Во нормални услови, купувачите обично чекаат со месеци за нов Ferrari, но толкави доцнења сега се појавуваат и кај обичните модели.“

Електричните автомобили и натаму се главен мотор за продажбата

Продажната динамика на батериските електрични и приклучните хибридни автомобили продолжува со исклучително темпо. Големиот скок во минатиот месец доведе до тоа електричните возила да го постигнат најголемиот пазарен удел досега, со 21 проценти. Со вкупно 151.737 автомобили од овој сегмент, продажбата е зголемена за 61 проценти во споредба со ланскиот август. Вкупно од јануари се продадени 1,32 милион возила со електромотор во погонот.

Лани во август биле продадени 15.300 помалку автомобили со електричен и прклучен хибриден погон, отколку дизел автомобили. Годинава, електричните ги престигнаа дизелите за 10.100 возила. Посебно е голема побарувачката за електричните изведби на Peugeot 208, Opel Corsa и Kia Niro, секако покрај шампионот Volkswagen ID.3, кој е најпродаван електричен модел во август.

Dacia Sandero повторно го предводи пазарот

Третата генерација на Dacia Sandero се покажува како голем погодок на Романците, иако и тие се соочуваат со недостиг од чипови. Големите попусти доведоа до тоа Sandero да биде петти најпродаван модел во Европа во првите осум месеци од годината.

Втор е Volkswagen Golf, чијашто августовска продажба годинава е намалена за 38 проценти, но тој продолжува да го води пазарот во бројот на продадени автомобили од јануари до август. Добро напредува и серијата 3 на BMW.

Од новите модели на пазарот, посебно се издвојува Tesla Model Y, којашто се најде во Топ 10 иако стартуваше во средината на месецот. Volkswagen ID.3 е 15-ти најпродаван модел, Opel има 4.900 примероци од новата Mokka, а Volkswagen се појавува уште еднаш со електричен модел, со 4.600 примероци од ID.4. Исто толку има продадено и Citroen од својот C4. Одлични резултати покажа и Cupra Formentor, со повеќе од 4.300 примероци, а одушевува и Renault Arkana (кај нас Megane Conquest) со 4.341 примероци.

>>> Mercedes EQS вози на батерија исто колку дизел S-Class

>>> Електрично Peugeot e-208 го прошета цело Мариово

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Првиот петцилиндарец на Audi проработе пред 45 години

Rolls-Royce има електричен автомобил, името е Spectre