Lotus ќе изработи само 60 примероци од најсилниот и најбрз сериски модел досега. Во вообичаениот манир, Evora GT430 доаѓа со зголемена моќност и намалена тежина.
Како што светот сé повеќе се ориентира кон погонот на струја, така им расте и цената на класичните мајстори на автомобилското инженерство. Lotus постојано пушта нови лимитирани серии и истите се распродаваат буквално за миг. Овојпат пристига серија ограничена на 60 примероци од Evora GT430, како најсилен модел во историјата на Lotus – надвор од тркачките патеки, секако.
Evora GT430 во чест на легендите Esprit V8 GT и Esprit GT3 од 1990-те
Новата марка во сопственост на кинескиот Geely, заедно со Volvo и Lynk, го нави 3,5-литарскиот V6 со механички компресор од Edelbrock на 436 КС при 7000 вртежи во минута. Вртежниот момент соодветно порасна на 440 њутнметри при 4500 вртежи во минута. Со неколку преправки во аеродинамиката се зголеми потисокот, а специјалистот за лесни конструкции не пропушти да скуси и по уште некој килограм. Без работни течности, Evora GT430 тежи 1.258 килограми. Двоседот што ги навраќа сеќавањата на легендарните Esprit V8 GT и Esprit GT3 од 1990-те спринтува до сто за 3,8 секунди, крајната брзина му е 305 km/h.
Напред и назад се користат каросериски панели со видлива карбонска структура, кои произведуваат потисок од 250 килограми при крајната брзина на GT430. Нов детал се аеро-каналите зад задните тркала, коишто го намалуваат притисокот во поткрилата и ги откриваат широките Michelin Pilot Sport Cup 2. Сето тоа го крунисува масивен спојлер, и тој изработен од карбон.
https://www.facebook.com/LotusCars/posts/1587426511301788
Иако овој спојлер и пошироките гуми и бандажи (245/35 R19 напред и 295/30 R20 назад, бандажи од 10.5J назад) додаваат 9 килограми, крајната тежина на Evora GT430 е пониска за 26 килограми во споредба со Evora Sport 410. Амортизерите се Öhlins TTX, со 20 позиции и за 10 kg полесни отколку во Sport 410, пружините стандардно пристигаат од Eibach.
Најмоќната Evora во историјата ја вози домашната тест-патека во Хетел за 1 минута и 25,8 секунди – уште едно „нај“ за Evora. Истото време го постигна и Lotus 3-Eleven.
Славната изјава на основачот Колин Чепмен: „Со поголема моќ си побрз на правци, со пониска тежина си побрз секаде.“
Evora GT430 поседува титаниумски издув како стандард, кој скусува 10 килограми од опашот. Како стандард следува и шестстепен мануелен менувач со лесен замавник, што овозможува куси промени на степените. На тоа следува и торсен-диференцијал.
Elise Cup 250 е најбрзиот четирицилиндарски Lotus во историјата
За контролата на стабилноста има избор од четири степени: Drive, Sport, Race, Off. Новитет е приспособливата контрола на тракцијата. Таа овозможува на погонските тркала да им се дозволи еден од петте степени на пролизгување (од 1 до 12%), додека ESP работи во тркачки модус. Четириклипни сопирачки клешти од AP Racing гризаат на сите четири тркала.
Како се заштедени 35-те килограми во Lotus Evora GT430:
- Издув од титан (-10 kg)
- Каросериски панели од карбон (-4,7 kg)
- Полесни делови во кабината (-2,5 kg)
- Полесни амортизери и пружини (-10 kg)
- Полесни сопирачки дискови назад (-2 kg).
- Потенок алуминиумски под (-1,5 kg)
- Алуминиумски држачи (-1.3kg)
- Панел на задно светло од поликарбонат (-0.5 kg)
- Редизајниран систем за долевање течности (-2.5 kg)
Само 60 примероци ќе бидат изработени рачно во Хетел и ќе бидат достапни само на неколку пазари. Цената за британскиот пазар изнесува 112.500 фунти. Клима-уред не е вклучен во цената, исто како и држачи за чаша. Секој грам е важен во Lotus.
















