Кинескиот Geely на крајот на мај ја презеде главнината од акциите во британскиот Lotus. Од компанијата не исклучуваат можност спортските модели во иднина да се произведуваат во Кина.
Lotus лани за првпат постигна заработка по подолго време. Новиот сопственик Geely секако дека посакува заработката да биде уште поголема. Дел од тој план може да биде производство на спортските автомобили во Кина, на најголемиот пазар за автомобили во светот. Шефот на кинеската компанија, Ли Шуфу, во интервјуто за Блумберг не ја исклучува таа можност.
Матичната фабрика на Lotus во Норфолк ќе продолжи со работа
Доколку моделите на легендарната марка од островот навистина почнат да се произведуваат во Кина во иднина, тоа не значи дека матичната фабрика во Норфолк ќе престане со работа.
Пример за тоа е Volvo, којшто исто така е во сопственост на кинеската компанија. Швеѓаните ја произведуваат лимузината S90 во Кина, но моделот паралелно излегува и од лентите во Торсланда.
Lotus сепак мора да следи чекор со времето и да ја електрифицира погонската спрега. Наскоро може да се очекува моделска верзија со плагин-хибриден погон.
Заедно со 51% од акциите во Lotus Cars, Geely од малезискиот DBR-Hicom откупи и 49,9% од акциите во марката Proton. Во 1996 година, Proton стана сопственик на британскиот специјалист за лесни спортски модели.
















