Во еден рекламен спот на Audi во Кина, невеста се споредува со користен автомобил. Сексистичката порака во рекламата не им се допадна на Кинезите, социјалните медиуми зовреа.
Според рекламата на Audi за кинеските купувачи, жена се избира исто како користен автомобил. Триесетте секунди на спотот беа доволни да предизвикаат огромен бран од критики по социјалните медиуми. Додека невестата на алтарот го исчекува пресудниот момент, свекрвата дотрчува и го проверува нејзиниот надворешен изглед на крајно непристоен начин.
Уверена во безгрешноста на изборот, таа заминува задоволно и дава знак на одобрување. Но, во тој момент забележува еден „детал“ што го пропуштила. Спотот привршува со пораката: „Важните одлуки мора да се донесат промислено.“ Потоа се појавува интернет страницата на трговец со користени автомобили и клучната порака: „Само со официјален сертификат може да се спие спокојно.“
Во маркетингот на Audi никој не бил информиран за рекламната кампања
Спотот беше објавен на интернет и се прикажуваше во кинеските кино-сали. Откако јавноста реагираше бурно на сексистичката порака во спотот, Audi јавно се извини и ја повлече рекламата. Во секој случај станува збор за пропуст на маркетингот на премиум марката. Целиот овој скандал произлезе од спот во режија на локален трговец, за што во Audi никој не бил информиран. Пораката во спотот не е без основа: „Важите одлуки – како што е лансирање рекламна кампања – мора да се донесат промислено.“
















