за

Еуро 7 стапува на сила во 2025, тешко за моторите

Следната Еуро-норма почнува да важи во 2025 година, смената ќе биде драстично построга за штетната емисија. Индустријата стравува дека тоа ќе биде крај за дизелите и бензинците.

Еуро 7 стапува на сила во 2025 тешко за моторите

Комисијата на ЕУ планира една од најстрогите регулативи во историјата, во борбата против загадувањето од издувните гасови од возилата и против климатските промени. Со нормата Еуро 7, исто како и секогаш досега, автомобилите ќе станат почисти и подобри за средината.

Унијата постави амбициозни цели за заштита на климата. Со таканаречениот „Green Deal“ треба да се постигне целосна неутралност кон климата до 2050 година. Комисијата на ЕУ кон крајот на 2021 година ќе предложи нови гранични вредности за автомобили и доставни возила, што треба да стапи во сила во 2025 година.

Експерти од цела Европа моментно разговараат околу студија на 66 страници, којашто се однесува на новите гранични вредности за штетни материи. Стручните лица предлагаат уште построги ограничувања, отколку што се очекуваше.

Драстично ограничување на дозволената емисија на азотни оксиди, од 80 на 30 милиграми Nox, па дури и 10 милиграми

Новите возила во иднина ќе смеат да испуштаат најмногу 30 милиграми азотни оксиди по километар. Дури се предлага и уште построг лимит, за 10 милиграми на километар. Според постоечките норми, возилата со дизел мотор смеат да испуштаат најмногу 80 милиграми азотни оксиди по километар, додека на бензиците им се дозволуваат најмногу 60 милиграми.

Идната норма ќе важи исто за двата видови погон, што значи дека во иднина повеќе нема да се прави разлика меѓу дизелите и бензинците во поглед на емисијата. Авторите на студијата предлагаат и заострување на тестот RDE (Real Drive Emissions). При ова тестирање, со помош на преносен уред се мери дали возилото ги исполнува граничните вредности во реално возење во сообраќај.

Мерење при ниски и високи температури, различна надморска висина, со багажник на покрив

Покрај тоа што автомобилите во иднина ќе мораат да ги исполнуваат нормите и при температури од 10 степени Целзиусови под нулата, до 40 степени над нулата, ќе се проверува и емисијата на висина од 1.000 или 2.000 метри. Во предвид ќе се зема и емисијата со багажник на покрив, со носач за велосипед или приколка, исто како и однесувањето при теоретски „животен век“ од 15 години.

Критичарите ценат дека новата норма Еуро 7 ќе им означи крај на дизелите и бензинците. Производителите ќе мораат да применат уште поефикасна технологија за пречистување на издувните гасови, заради исполнување на нормите. Тоа значи и дека технологијата ќе ги поскапи возилата.

Врз основа на студијата, во следната година треба да се проследи предлог до Комисијата на ЕУ, по што ќе се чека согласност од Парламентот на ЕУ.

>>> Амстердам забрани дизели постари од 2005 година

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Двостепен менувач ќе го продолжува досегот на електромобилите Inmotive

Двостепен менувач ќе го продолжува досегот на електромобилите

BMW одликуван како најчиста автомобилска компанија

BMW одликуван како најчиста автомобилска компанија