Нова директивата на ЕУ за стари возила може значително да ја отежни слободната трговија со постарите категории користени возила од Европа. Погодени се користените возила со послаба норма од Еуро 5.
Воведувањето построги правила за извоз може значително да ја отежни продажбата на користени возила од постарите годишта. ЕУ се подготвува да ја измени директивата за стари возила што важи за цела Европа. Со претстојните измени се планира автомобилите да се класифицираат како отпад, доколку трошоците за поправка ја пречекоруват вредноста на возилото или кога нема можност за поправка. Исклучок се олдтајмерите.
Предлогот потекнува од партијата на Зелените, откако ирската парламентарка Киаран Куфе побара да се воведе забрана за извоз на автомобили од ЕУ што се технички неисправни и имаат норма на издувни гасови послаба од Еуро 5. Тоа значи крај за евтините користени возила за коишто постои голем интерес во земјите надвор од Унијата, вклучувајќи ја Македонија.
За ЕУ е покорисно и поисплатливо да ги испраќа старите возила надвор од Унијата, место да троши средства за нивно претопување, што секако дека со себе повлекува и гигантска количина на СО2 што ќе се создава при претопувањето. На ЕУ ѝ одговара тоа што во државите надвор од Унијата не постојат доволно строги норми за заштита на животната средина од емисијата на старите автомобили и што жителите во тие држави што ЕУ ги цени како „земји во развој“ ги гледаат старите возила со лош издув како благодат.
Лани од Германија се извезени 341.560 патнички автомобили и 37.170 товарни возила во останатите европски држави. На тоа се надоврзуваат уште 89.006 патнички автомобили и 71.387 товарни возила што завршиле во африканските земји, каде што главни „увознички“ се Бенин, Либија, Гана и Нигерија.
Во првите седум месеци од годинава, во Македонија се увезени 21.596 користени автомобили, наспроти 3.530 нови автомобили со норма Еуро 6. Во 2010 година, веднаш по ослободувањето на увозот за користени возила и славните „еуро нула“ зделки од бугарските автоплацеви, во Македонија завршија 51.399 стари автомобили. Главнината од нив по кусо време заврши на автомобилските отпади. Само по споредниот пат од Скопје до Тетово постојат дваесетина преполни отпади, директно покрај патот.