
Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, кажа на 3-ти март дека унијата е подготвена, на производителите на автомобили да им дозволи временска рамка од три години, за да ги исполнат барањата за намалување на емисијата за ЦО2, што според првичните планови требаше да бидат исполнети во текот на годинава.
Подоцна во текот на месецов ќе се поднесе предлог за „таргетиран амандман“,. што ќе му дозволи флексибилност на автомобилскиот сектор околу нормите за емисијата за 2025 година, кажа Фон дер Лејен.
Доколку се прифатат промените, производителите на автомобили ќе можат да ги надминат лимитите што првично беа предвидени за годинава, под услов тие во следните две години да надоместат и да постигнат вредности што ќе бидат далеку под лимитот.
„Место да ги исполнуваат барањата на годишно ниво, компаниите ќе добијат три години, на принципот на земање кредит,“ изјави претседателката на брифингот за новинари.
„Таргетите ќе останат исти, но индустријата ќе добие повеќе слободен простор за да дише, без да се менуваат договорените таргети.“
Европските производители на автомобили притискаа да се смени целта за 2025 година, откако минатата година опадна продажбата на електрични возила, што го отежна постигнувањето на строгите лимити што ги постави ЕУ. При надминување на лимитите, производителите ќе требаше да платат казни во висина од десетици милијарди евра.
Производителите ќе успееја да избегнат голем дел од тие казни, преку здружување на продажбата со други производители што се понапред во електрификацијата и се далеку под лимитите за ЦО2. Но, од друга страна, корист од тоа ќе извлечеа производители што не ѝ припаѓаат на Унијата, како Тесла или кинеските производители на електрични автомобили.
Отстапката од една страна ќе ги успокои производителите – Фолксваген, на пример, предупреди дека ќе треба да плати казна од 1,5 милијарда евра за надминување на лимитите – останатите компании, меѓу кои Волво, ја повикаа Комисијата да не отстапува од првичните намери и да им обезбеди сигурност на производителите што вложија многу во електричниот погон.
Позитивни реакции од Италија, Чешка, од Рено
Италија и Чешка, како земји што вршеа силен притисок да се олесни регулативата, го поздравија предлогот. Италијанскиот министер за индустрија, Адолфо Урсо, цени дека со тоа е спасена европската автомобилска индустрија, додека чешкиот министер за транспорт Мартин Купка кажа дека неговата земја повеќе се залага за петгодишно продолжување на рокот.
Рено порача дека флексибилниот пристап на комисијата ќе им дозволи на производителтие во ЕУ да ја скусат емисијата и да останат конкурентни во услови кога пазарот на електрични автомобили е во раст.
Сигрид де Врис, генерална директорка на европското здружение на производители АЦЕА, кажа дека предлогот е позитивен, но пак е тешко да се исполнат таргетите. Матијас Цинк, претседател на европската асоцијација на добавувачи Клепа, кажа дека предлогот е само „лимитирано здивнување“.
АЦЕА се залагаше за подолго одложување и порача дека индустријата се соочувала со непријатни алтернативи, како огромни попусти, скусување на продукцијата или купување кредити од производителот на возила од САД, Тесла, и од кинеските производители на електрични автомобили.
Волво предупреди дека менувањето на правилата ќе го забави преоѓањето на електрични автомобили
Два часа пред Лејен да ги соопшти вестите, Волво порача дека промените во правилата може да го одложат преоѓањето на електрични возила.
Поставени пред повеќе години, стандардите на ЕУ ѝ дадоа на индустријата доволно време да се подготви, а дополнително беа понудени и неколку механизми за да се исполнат стандардите, порача извршниот директор на Волво, Џим Роуен.
Волво „вложи огромни суми за да биде подготвен за 2025,“ изјави Роуен. „На компаниите како нашата не треба да им се наштети со промени во легислативата во последна минута.“
Волво е меѓу производителите што ќе извлечеа финансиска корист од тоа што е под лимитите на ЕУ.
Аналитичарите во групацијата Ју Би Ес, проценија дека шведскиот производител ќе наплатеше до 300 милиони долари од партнерите што ќе ја здружеа својата продажба на автомобили со висока емисија на ЦО2 со Волво, за да останат под лимитите на ЕУ.
Засега уште е нејасно како одложувањето што го предложи Лејен ќе влијае врз здружувањето, односно ЦО2-пулингот.
Еколошките организации ценат дека одложувањето ја нарушува конкурентноста на Европа
Групите за заштита на животната средина критикуваат за продолжувањето на роковите и порачуваат дека со одложената транзиција се нарушува конкурентноста на европските производители на автомобили.
Невладината Транспорт и Животна средина, вели дека „ЕУ ризикува да се создаде штетна неизвесност околу преоѓањето на електрични возила во Европа.“















